Линкови за пристапност

Трамп одложи финансирање на ѕидот со Мексико


Претседателот индицираше дека е подготвен да почека до крајот на годината, со цел Конгресот тогаш да го разгледа финансирањето на проектот

Претседателот Доналд Трамп и натаму останува определен дека ќе го гради ѕидот долж границата со Мексико, но индицираше дека е подготвен да почека до крајот на годината, со цел Конгресот тогаш да го разгледа финансирањето на проектот, отколку да инсистира сега тој да биде вклучен во преговорите за да се избегне делумно владино затворање до крајот на неделата.

Преговорите меѓу конгресните лидери и Белата куќа за буџетските трошоци мора да завршат до петок на полноќ.

Трамп на група конзервативни новинари им рекол дека може да почека до септември да го разгледа финансирањето на изградбата на ѕидот. Демократите се противат на проектот, а партиски лидери во Конгресот го поздравија омекнувањето на ставот на претседателот.

„Добро е што претседателот го симна финансирањето на ѕидот од преговарачката маса“, изјави лидерот на сенатското малцинство Чак Шумер.

„Меѓупартиските преговори може да продолжат за конкретни прашања“, оцени тој. Шумер претходно го критикуваше претседателот Трамп дека ризикува делумно владино затворање со инсистирањето за Ѕидот, што би паднало врз грбот на американските даночни обврзници“.

Портпаролот на Белата куќа Шон Спајсер, рече дека постојат два приоритета на Трамп во буџетските разговори: зголемување на средствата за одбраната, како и пограничната безбедност, со цел да се одврати илегалната имиграција.

Тој рече дека неговата администрација е мошне убедена дека договор за буџетските трошоци ќе биде постигнат без да се случи владино затворање.

За време на претседателската кампања, Трамп се заложи дека ќе гради 3.100 километри долга бариера на јужната граница на САД, и оти ќе го натера Мексико да плати за тоа. Мексиканските власти велат дека тоа нема да се случи.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG