Линкови за пристапност

Во време кога се чини дека републиканската партија се обединува, во националните анкети расте популарноста на Трамп

Се чини дека најверојатниот републикански претседателски кандидат Доналд Трамп има напредок во обидите за целосното обединување на партијата зад неговата номинација. Неодамнешните анкети покажуваат дека Трамп има еднаква популарност помеѓу потенцијалните гласачи како и Хилари Клинтон, која се очекува да ја добие демократската номинација. Сето ова укажува дека ќе има израмнета битка и потенцијално непријатна кампања.

Добрата вест за Трамп доаѓа во време кога њујоршкиот милијардер се обидува да го промени својот имиџ, од лут политички аутсајдер до кандидат кој е поприфатлив за американските гласачи. „Повторно ќе ја направиме Америка голема, поголема отколку кога било порано.“ кажа Трамп пред поддржувачите на неодамнешен настан во Њу Џерси.

Со помек тон од порано

Со текот на времето, Трамп прифати помек тон за прашања за кои порано тој беше доста жесток. Трамп беше попустлив и во последното интервју со Меган Кели, од „Фокс њуз“, кога таа го запраша за неговата Твитер размена во која тој ја нарече со погрдни зборови. „Тоа беше ре-твит. Дали јас навистина го реков ова? Добро. Извинете.“ рече Трамп со срамежлива насмевка на неговото лице.

Еден од првите поддржувачи на Трамп, конгресменот Крис Колинс од Њујорк вели дека неговата неодамнешната соработка со републиканските законодавци се покажала исплатлива „Тој соработува, ислушува, тоа е Доналд Трамп, и Америка ќе биде покомотна со него како што одиме напред.“, рече тој.

Трамп им пркоси на конзервативците кои порано предупредуваа дека неговата номинација длабоко ќе ја подели партијата, на што се надеваа и демократите. „Морам да кажам дека на мое изненадување, се чини дека републиканската партија се мобилизира зад Трамп, на начин кој не изгледаше веројатен само неколку недели порано“ изјави конзервативниот критичар Фред Барнс од магазинот „Викли Стандард.“ Тој беше гостин на програмата на Гласот на Америка „Прашања во вестите“

Предизвик - како да се промени имиџот

Без разлика на знаците за обединување на партијата и за неговата растечка популарност во анкетите, некои аналитичари сметаат дека пред Трамп се` уште има доста работа за да ја намали загриженоста за неговата кандидатура во периодот до изборите во ноември. „Најголем проблем за Трамп, кога ги прашуваме американците за тоа што е негативно кај него, е неговата личност“, вели Франк Њупорт од организацијата за истражување на јавното мислење Галуп. „Тој е арогантен, див, не се контролира, тој е расист. Тој кажува работи за кои не би требало подоцна да се кае. Тоа ни го вели јавноста.“

Дури и во време кога се обидува да проектира поумерен имиџ, Трамп упати остри зборови кон најверојатната демократска кандидатка, Хилари Клинтон: „Може ли да замислите уште четири години под претседателствување на Клинтон? Сериозно, може ли да замислите.“ запраша тој.

Да го поддржите или да се плашите од него?

Од тоа дали Трамп ќе успее да се трансформира од недисциплиниран примарен натпреварувач за претседателската номинацијата, кој ги плаши и одбива гласачите до прифатлив претседателски кандидат за умерените гласачи, може да зависи исходот од гласањето во ноември.

Друг голем предизвик за Трамп ќе биде да ги задржи неговите лојални поддржувачи, во време кога работи на умереноста, сметаат некои аналитичари.

Трамп е пред искушение да ужива во успехот како најверојатен претседателски кандидат, кој се појави ненадејно и го шокираше политичкиот свет, затоа што кампањата брзо се врти кон пошироко изборно поле каде Трамп ќе треба да докаже дека пораката што резонираше кај главно белите републиканци на прелиминарните избори ќе го издржи тестот кај жените, малцинствата и младите гласачи.

XS
SM
MD
LG