Линкови за пристапност

Трамп призна дека ја губи поддршката од жените


Републиканскиот претседателски кандидат вели дека тоа е резултат на лажни обвинувања против него.

Трамп на Твитер порача дека анкетите покажуваат оти трката со демократската кандидатка Хилари Клинтон останува тесна, но дека не може да поверува дека изгубил голем број на гласови од жени како резултат на наводи кои не се вистинити. „Медиумите ги местат изборите!“, напиша тој.

Тој повтори дека медиумите се пристрасни и против него „синхронизирано со кампањата на Клинтон“.

Кандидатот за потпретседател од демократската партија, сенаторот на Вирџинија Тим Кеин, вака реагираше: „Ги обвинува медиумите и републиканците. Вели дека Америка нема капацитет да спроведе фер избори, но сето тоа го кажува бидејќи знае дека ќе изгуби“.

Но, избраникот на Трамп за потпретседател, гувернерот на Индијана Мајк Пенс, за телевизијата НБЦ изјави дека Трамп ќе го прифати резултатот од изборите, каков и да е.

„Американскиот народ ќе одлучи на 8-ми ноември, но луѓето се уморни од очигледната пристрасност во националните медиуми и оттука е чувството на нефер избори“.

Анкетите на Real Press Clear покажуваат дека Клинтон е во водство за 5,5 проценти. Други две поголеми анкети кои беа објавени во неделата исто така покажуваат водство на Клинтон во однос на Трамп. Според Вашингтон Пост и АБЦ телевизијата, Клинтон е за четири проценти пред Трамп, а според анкетата спроведена од НБЦ и весникот Вол стрит Клинтон има 48 проценти поддршка додека Трамп 37 проценти. Освен тоа Клинтон покажува 20 поени предност кај жените, а Трамп три процентни поени предност кај мажите.

XS
SM
MD
LG