Линкови за пристапност

Реформите во Македонија мора целосно да се имплементираат


Томас Јазгерди од американскиот Стејт департмент и Шенон Мегвајр од УСАИД зборуваат за важноста на медиумите во изборниот процес

Целосното повлекување на помилувањата од страна на претседателот Ѓорге Иванов беше чекор во вистинска насока. Културата на неказнивост мора да се избегне, и треба да се имплементираат кредибилни реформи за да може да се организираат кредибилни избори, вели Томас Јазгерди, директор на Канцеларијата за Јужна и Централна Европа при Стејт департменот во интервју за Гласот на Америка на македонски.

„Слободните медиуми се стожер на една слободна демократија и затоа сметаме дека треба да се обрне внимание на реформите коишто се однесуваат на структурните проблеми поврзани со медиумите или таканаречениот бизнис-модел, процентот на владините реклами на пример, влијанието, не само на Владата, туку и на моќните бизнис лидери во медиумите и презаситеност на пазарот. Како ќе се раководи со медиумите? Ако се сфати сериозно, ќе видиме дека Македонија има намера да имплементира реформи што би ја вратиле на патот кон евро-атлантска интеграција. Американската Влада не би сакала ништо друго, освен да го види тоа“, вели тој.

Јазгерди смета дека тоа ќе биде во насока на уверување на јавноста и на меѓународната заедница дека се одвива вистински изборен процес. Во тој контекст тој го става и прочистувањето на избирачкиот список и потребата од почитување на работата на СЈО.

За транспаретност на законите за рекламирање се залага и Шенон Мегвајр од УСАИД, која вака ја опиша актуелната ситуација со медиумите во Македонија:

„Медиумската сфера ја отсликува пролонгираната криза и поделеноста и се карактеризира со мошне слабо дејстување на правните и регулативните рамки, неодржливи деловни активности, недостаток на поширок пристап до објективни вести и информации, како и недостаток на уредничка независност“.

За Јазгерди е особено важно за време на изборниот процес да има баланс во известувањето.

„Се надеваме дека ќе најдат начин, убедени сме ќе можат да создадат услови за реформи. Нема да биде лесно, но не е невозможно. Промените би требало да вклучат и непостоење на атмосфера во која медиумите на одреден начин на Владата гледаат како на нивен најголем муштерија, со цел да се избегне конфликт на интереси“, смета тој.

Граѓанското општество е важен елемент во целиот процес, а УСАИД ја дава потребната поддршка во сите негови сегменти.

„Слободата на изразување и пристапот до информација е загарантирана со Устав. УСАИД ги поддржува правата на македонските граѓани во однос на овие слободи. Напредокот не оди секогаш по права линија. Ќе треба долго време, но работиме со медиумите, со владини претставници, но и со граѓаните околу медиумската писменост“, појаснува Мегвајр, додавајќи дека последново е важно бидејќи гласачите треба да знаат како да дојдат до информации, да распознаат дезинформација и медиумска манипулација.

XS
SM
MD
LG