Линкови за пристапност

Тилерсон: САД можно е да соработуваат со Русија


Американскиот државен секретар ова го изјави по средбата со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, кој пак подвлече дека Русија не се меша во внатрешните работи на други земји.

Рекс Тилерсон, изјави дека Вашингтон можно е да соработува со Москва, под одредени услови.

„Додека бараме нов заеднички јазик, очекуваме Русија да ја почитува својата определба спрема договорот од Минск и да работи на намалување на насилството во Украина“, истакна шефот на американската дипломатија кој се наоѓа во Бон, Германија, на средби на министрите за надворешни работи на Групата-20 индустријализирани земји.

Тилерсон ова го изјави по состанокот со својот руски колега, Сергеј Лавров, кој пак кажа дека Русија не се меша во внатрешните работи на други земји.

Според Договорот од Минск склучен во 2015-та година, Украина, Русија и сепаратистите поддржани од Русија, се согласија да стават крај на кризата во Украина, почнувајќи со повлекување на тешката артилерија. Во 2014-та, Русија имаше неколку воени интервенции на украинска територија и на крајот изврши анексија на Крим.

Државниот секретар Тилерсон на маргините на состаноците во Бон имаше средба и со делегацијата од Јемен, а на агендата беа и средби со министрите за надворешни работи на Британија, Турција, Италија, Јужна Кореја, Јапонија и Бразил.

Домаќин на состанокот на Г-20 беше новоименуваниот министер за надворешни работи на Германија Зигмар Габриел.

Средбите во Бон се предвесник на Самитот на Г-20, што во јули ќе се одржи во Хамбург, кога можно е и претседателот Доналд Трамп за прв пат да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.

XS
SM
MD
LG