Линкови за пристапност

Случајна иницијатива може да ја реши или да ја влоши сириската криза


Навидум случајна забелешка за сириското хемиско оружје од страна на американскиот државен секретар Џон Кери има меѓународни реперкусии.

Кон крајот на прес конференцијата во Лондон, новинар го запраша американскиот државен секретар Џон Кери дали има нешто што Сирија може да направи за да избегне напад што претседателот Барак Обама сака да го изведе. Кери одговори:

„Се разбира, тој може да го предаде секое хемиско оружје на меѓународната заедница нареднава недела“.

Но, државниот секретар веднаш појасни дека зборува теоретски, и дека не очекува ништо слично да се случи.

„Но тој нема тоа да го стори, тоа не може да биде сторено, очигледно“.

Но Русија се фати за идејата и ја увери Сирија да го стори истото, барем во принцип. Тоа направи да бидат одложени плановите за гласање во Конгресот, и ја покрена Франција да преземе водство во изработување на резолуција што ќе биде доставена до Советот за безбедност повикувајќи на меѓународна контрола врз сириското хемиско оружје. Претседателот Обама кажа дека би прифатил таква дипломатска солуција доколку може да биде остварена.

Но тоа може да потрае со недели, и официјални лица во САД и насекаде се загрижени дека Сирија и Русија ќе го искористат случајниот коментар на Кери за свртување на вниманието од наводниот напад со хемиско оружје и избегнување на воена одмазда.

Британскиот секретар за надворешни работи, Вилијам Хеиг кажа:

„Мора да обезбедиме дека ова не е само тактика за одвлекување на вниманието, дека не е само уште еден обид да се стават пречки на патот на решавање на овие прашања. Мислам дека сега е на Русија и Сирија да покажат дека ова е кредибилно, дека ова може да биде сторено на кредибилен начин“.

Претседателот Обама сака да лансира воздушен напад за обесхрабрување на идно користење на хемиско оружје и да се деградира сириската способност тоа да го прави. Тој вели дека сириската влада мора да казнета за прекршување на речиси еден век старата глобална забрана за употреба на хемиско оружје.

Воздушните напади можат да се случат веднаш штом американскиот Конгрес даде зелено светло. Но Џоана Кид, аналитичар од Лондонскиот кралски колеџ вели дека за секое предавање на сириското хемиско оружје може да е потребно долго време, ако воопшто биде сторено.

„Може да се потребни неколку месеци за тоа. И се разбира, не треба да заборавиме дека во Сирија се одвива граѓанска војна, што во голема мерка може да го искомплицира процесот“.

Кид вели дека Организацијата за забрана на хемиско оружје, со седиште во Хаг, може да обезбеди инспектори за таков процес. Но експерти велат дека тие може да не бидат доволни да ја покријат целата територија на Сирија, и дека тие може да не волни да одат среде граѓанска војна да прават инспекција.

Професорката вели дека има и друга причина што идејата може да не успее.

„Хемиското оружје навистина изгледа дека е мошне важно за сирискиот режим, и се верува дека Сирија произвела голем арсенал на хемиско оружје последниве години“.

Но Сирија не може да си дозволи да го антагонизира клучниот сојузник, Русија, и професорот по историја Алан Лихтман на Американскиот универзитет во Вашингтон вели дека рускиот интерес во новиот приод би можел да биде легитимен.

„Мислам дека тоа е сериозен предлог од Русите од едноставна причина што Русите навистина беа на удар од мислењето на светот за нивната очигледна поддршка на режимот на Асад, што секој знае дека ужасен, брутален, убиствен режим, што не треба да има поддршка од никого. Така, ова е вид на потег за спасување на образот од страна на претседателот Путин“.

Но за ставање крај на кризата може да е потребно повеќе од зачувување на образот и меѓународната контрола на сириското хемиско оружје ќе треба да биде реална и проверлива.

Ако тоа не е случај, западните претставници велат дека претседателот Асад ќе биде охрабрен повторно да го употреби забранетото оружје и лидерите насекаде може да веруваат дека можат исто така да ги игнорираат американските и загриженостите на ОН, особено Иран и Северна Кореја, кои се под притисок да ги прекинат своите програми.
XS
SM
MD
LG