Линкови за пристапност

Инспекторите на ОН до сабота ќе ја напуштат Сирија


Распоред на странските армиски сили околу Сирија

Распоред на странските армиски сили околу Сирија

Американскиот претседател Барак Обама се` уште не решил како ќе реагира на наводниот хемиски напад

Инспекторите на ОН, кои вршат истрага за наводниот хемиски напад во Сирија, до сабота ќе ја напуштат земјата, соопшти генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун.

Тие веќе трет ден работат на самото место на нападот, во предградијата на Дамаск.

Првиот човек на светската организација најави дека инспекторите ќе му ги достават наодите по завршувањето на двонеделната мисија, чија цел оригинално беше истрага на претходните наводи за хемиски напади во Сирија. Тој побара од меѓународната заедница да дозволи инспекторите да ја завршат истрагата и да ги претстават наодите, пред да биде донесена одлука што да се стори понатаму.

Американскиот претседател Барак Обама вели дека се` уште не решил како ќе реагира, но со оглед на тоа дека неговата влада е убедена дека сириската влада е одговорна, тој рече дека треба да бидат земени на одговорност оние кои ги кршат меѓународните норми.

За емисијата Њузаур на јавната ТВ-мрежа Пи-Би-Ес, Обама кажа дека евентуалниот армиски напад би бил ограничен на конкретни цели, упатувајќи му порака на сирискиот претседател Башар ал-Асад дека нема да се толерираат нови хемиски напади. Тој рече и дека нема интерес во бескраен судир во Сирија.

Сириската влада негира дека извршила хемиски напад.

Денес претставници на Белата куќа треба да информираат конгресни претставници за разузнавачките податоци во врска со нападот од минатата недела во кој загинаа стотици лица. Подоцна, тие планираат да издадат верзија на извештајот за пошироката јавност.

Британскиот премиер Давид Камерон на седница на Парламентот исто така ќе расправа за ситуацијата.

Советот за безбедност на ОН ја разгледува предлог-резолуцијата на Британија за евентуална армиска акција. Претставниците на петте постојани членки на Советот вчера започнаа расправа, но резолуцијата најверојатно нема да мине, бидејќи Русија и Кина се противат на странска интервенција. Овие две земји од 2011-та - наваму го употребија правото на вето за претходни резолуции против сириската влада.

САД вчера сигнализираа дека нема да дозволат дипломатската парализа во ОН да ги спречи да реагираат. Портпаролката на Стејт департментот, Мари Харф, кажа дека Сирија „не може да продолжи да се крие“ зад руската позиција во ОН, како и дека САД не гледаат решение во руското противење на „секаква суштинска акција“. Харф најави и дека Вашингтон ќе се консултира со сојузниците, размислувајќи за сопствена армиска акција против Сирија.

Руското Министерство за надворешни работи вчера соопшти дека е прерано ОН да повлечат потег пред инспекторите во Дамаск да ја завршат својата задача.

Руската новинска агенција Интерфакс денес пренесе армиски извор, според кој Русија ќе испрати крстосувач и брод специјализиран за операции против подморници во источниот Медитеран, со тоа реагирајќи на развојот на ситуацијата.
XS
SM
MD
LG