Линкови за пристапност

Британија бара резолуција на ОН за Сирија


Возило на екипата на ОН која се наоѓа во Сирија.

Возило на екипата на ОН која се наоѓа во Сирија.

Русија вели дека е прерано, генералниот секретар на ОН бара обединетост.

Британија денес планира да предложи резолуција во ОН што бара „неопходни мерки за заштита на цивилите“ во Сирија од хемиско оружје.

Предлогот доаѓа среде интензивна дипломатска активност на САД и западните сили, кои истовремено решаваат како да започнат евентуална армиска акција против сирискиот претседател Башар ал-Асад.

Во близината на Дамаск, пак, екипа на ОН изврши инспекција на местото каде минатата недела се случи напад, наводно со хемиско оружје, а во кој загинаа стотици лица. Ова е втора инспекција неделава.

Русија, која е сојузник на Асад, смета дека резолуцијата што ја предлага Британија е преуранета. Новинската агенција Интерфакс јави дека заменик-министерот за надворешни работи Владимир Титов ја повикал Британија да почека инспекторите на ОН да ги претстават своите наоди.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун го повика Советот за безбедност да се обедини во врска со ситуацијата во Сирија. Во денешниот говор во Хаг тој кажа дека на екипата на ОН во Сирија и` треба време да ја заврши работата.

Американски официјални лица наведуваат дека нема сомневање дека сириските сили употребиле хемиско оружје, како и дека претседателот Обама во рок од неколку дена би можел да одлучи каква ќе биде американската реакција.

Сирискиот министер за надворешни работи Валид ал-Муалемy негира дека неговата земја употребила отровен гас и ги повика САД и европските сојузници да дадат докази.
XS
SM
MD
LG