Линкови за пристапност

САД: Асад ја пречекори „црвената линија“


Претседателот Барак Обама одлучил да дозволи „директна воена помош“ за опозицијата.

Владини лица соопштија дека Вашингтон планира да обезбеди поддршка за сириските бунтовници, што предизвика позитивна реакција од страна на американските сојузници во Европа.

Одлуката уследи откако претставници на Белата куќа изјавија дека во разузнавачкиот извештај се наведени солидни докази дека Дамаск минатата година врз сириските бунтовници употребил помало количество на хемиско оружје, вклучувајќи го и гасот сарин.

Како одговор, заменикот-советник за национална безбедност Бен Роудс истакна дека претседателот Барак Обама одлучил да дозволи „директна воена помош“ за опозицијата. Американски официјални лица додадоа дека поддршката би вклучила оружје и муниција.

Британскиот секретар за надворешни работи Вилијам Хаг истакна дека Лондон се согласува со американската проценка за употребата на хемиско оружје и повика на „силна, одлучна определба“ од страна на меѓународната агенција.

Генералниот секретар на НАТО Андерс фог Расмусен исто така ја поздрави одлуката на САД, додавајќи дека користењето на хемиско оружје е „комплетно неприфатливо“. Тој ја повика Сирија да дозволи ОН да спроведат истрага по извештаите.

Сепак, Русија, сојузникот на Сирија, подвлече дека доказите обезбедени од САД „не изгледаат убедително“. Руските власти додадоа дека американската помош ќе им наштети на напорите за одржување на мировна конференција за Сирија.
XS
SM
MD
LG