Линкови за пристапност

Сириски регионални алијанси и калкулации


Регионалните интереси во сирискиот конфликт се засилени со изгледите за американска воена акција.

Сирискиот претседател Башар ал-Асад предупреди дека евентуалната американска воена акција против неговата земја, би отворила регионална војна.

Еден недостаток на таа закана е што на многу начини, сирискиот конфликт веќе го прави тоа.

Професорот Кристијан Донат од Американскиот Универзитет во Каиро, вели дека регионалните сили, од противниците на Асад како Саудиска Арабија, па се` до поддржувачите како Иран, ја користат војната да водат битки со други ривали.

„Саудијците на Сирија гледаат како на можност да го возвратат отпорот спрема Иранците. Иранците на востанието против режимот на Асад гледаат како на закана за коридорот кон Либан за нивната поддршка на Хезболах. Сметам дека и Ирачаните се наоѓаат на две различни патеки, обидувајќи се на некој начин да го поддржат режимот на Асад, додека имаат борци-Сунити кои ги преминуваат границите и влегуваат во Сирија“, вели Донат.

Сите овие играчи калкулираат што би значел напад од САД: од наводната казнена акција за наводната употреба на хемиско оружје, до обид за промена на режимот.

Мустафа Лабад е директор на Центарот за регионални и стратешки студии Ал Шарк.

„Мислам дека Иранците ќе бидат претпазливи да видат како Американците би оделе против Ал Асад, а потоа би решиле за евентуална одмазда. И тие го имаат Хезболах во Либан за индиректна одмазда. Но, во овој случај би бил вмешан и Израел. Ако Израелците се инволвирани, и Иран ќе биде инволвиран и можеби Израел ќе изведе воздушен напад на Иран“, смета овој експерт.

Израелската загриженост за Иран главнопотекнува од техеранската нуклеарна програма, а не од војната во Сирија. Но, професорот Донат додава дека американскиот напад на Израел би му дал покритие.

„Изрелците беа особено гласни последниве години во врска со потенцијални напади против Иран. Сметам дека една од работите што ги направи актуелната американска администрација, е што се обиде да ги задржи Израелците и преку дипломатски иницијативи јасно покажа дека САД би биле многу нервозни ако дозволат на Израел да го нападне Иран“. вели овој експерт.

Аналитичарот Лабад посочува на очигледна дипломатија зад очите на јавноста меѓу Иран и САД и тоа преку султанот од Оман, за да се увери Иран дека каков и да е напад нема за цел соборување на Асад од власт.

Лабад тврди дека и покрај неизвесноста, регионалните сили го калкулираат својот одговор, засега, врз база на најавената ограничена акција на САД од воздух. Доколку тоа не се случи, вели тој, можноста за „регионален хаос“ расте.
XS
SM
MD
LG