Линкови за пристапност

Апели за разум и за смирување на страстите

  • Синиша Станковиќ

Апели за разум и за смирување на страстите

Апели за разум и за смирување на страстите

По инцидентите во струшко, откако гореше црква и во тетовска Мала Речица и осамнаа навредливи графити на џамија во Битола, ситуацијата е навидум смирена, но напната; И духовните и политичките лидери повикуваат на рационално однесување и на спласнување на тензиите.

По последните инциденти во Струга, Груевски упати порака до македонските политичари, до партиите, и до одделни лица кои ја злоупотребуваат ситуацијата, да престанат со таквите активности, зашто со тоа му нанесуваат штета на сопствениот народ:

„Сите, независно дали се Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци или пак христијани или муслимани, повикуваме енергијата да не ја насочуваат кон тоа како да му наштетат на другиот и да го навредат, туку кон тоа како од сите фрустрации да излезат со добри идеи за меѓусебна поддршка, со кои земјата ќе ја придвижиме кон подобра насока“, изјави за време на посетата во Турција, премиерот Никола Груевски.

И претседателот на Македонија Ѓорѓе Иванов, организираше итна средба со поглаварот на Македонската православна црква, Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, и со поглаварот на Исламската верска заедница во Македонија, Реис-ул-улема хаџи Сулејман ефенди Реџепи и побара од нив, со нивниот авторитет да извршат влијание за поголемо разбирање меѓу припадниците на двете наголеми верски заедници.

Претседателот и верските водачи упатиле порака „за одговорност во негување на традиционално добрите меѓуверски односи и на културата на толеранција“ и заеднички изразиле увереност дека „традицијата на заеднички живот која опстојувала со векови, останува вредност и придобивка на сите граѓани на Република Македонија“.

И на денешната седница на собанискиот Комитет за односи меѓу заедниците, на која присуствуваа и градоначалниците на Струга и на Вевчани, Рамиз Мерко и Перо Илиески, како и претставници и на МПЦ и на ИВЗ, пратениците и од власта и од опозицијата, излегоа со став дека традицијата на добрите меѓуетнички односи мора да се одржува, без разлика дали последните инцденти се последица на политичко сценарио или на спонтан израз на револт поради навреди. Според струшкиот градоначалник Мерко, инцидентите се последица на навредување на исламот и на муслиманите, поради маските на Вевчанскиот карневал и на одбивањето на Вевчанци да се извинат, а вевчанскиот градоначалник Илиевски изрази жалење што карневалот, како вековна традиција, е вмешан во вакви настани.

Според пратеникот на ДПА, Орхан Ибраими, „сето ова што ни се случува денеска е работа на Владата за да се дефокусира јавноста од реалните проблеми. Нема поделеност меѓу Македонците и Албанците, инцидентите се вештачки создадени, а кревкоста на меѓуетничките и меѓуверските односи се должи на маргинализацијата од Владата, која е антиалбанска“.

И според Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ, некој манипулира со чувствата на граѓаните: „Жалам што работите некако ни се случуваат секојпат кога пред нас имаме огромен предизвик за нас како земја. Дали е тоа Самит на НАТО или пак се чека извештај на Европската Комисија, сè тогаш се случуваат тензии во меѓуетничките односи. Мислам дека некои сили ги тестираат меѓуетничките односи по 2001 година и се обидуваат да манипулираат“

Според претставникот на МПЦ, прота Благоја Ацевски, МПЦ не ги навредила верските чувства и немало зошто да бидат нападнати нејзините цркви. Тој потенцираше дека “едно од основните начела е простување“, и дека “вистинските верници своето богољубие треба да го манифестираат преку своето човекољубие“. А поред претставникот на ИВЗ Дритон Дикена, карневалот во Вевчани бил само мал дел од причините за инцидентите, а ИВЗ ги осудува сите кои ги скревнавеле верските храмови, зашто, “тој што крева рака на верски храм, во тој момент престанува да биде муслиман“.

Денес во медиумите се огласи и еден од учесниците на Вевчанскиот карневал, член на групата која ја носела спорната маска што ги предизвика реакциите на муслиманите, кој потенцираше дека маската е искористена само како оправдување на немилите настани кои подоцна следеа и изрази жалење: „Отсекогаш сме дел од Вевчанскиот карневал со изработка на најразлични маски. Во нашето постоење сме биле маскирани и како попови и како оџи, а сме претставувале и политички маски. 13-ти и 14-ти јануари, Свети Василиј, ги чувствуваме како моменти кога можеме да го истакнеме нашиот слободарски дух и со една незлонамерна иронија да го претставиме сето она што ни предизвикува внимание во изминатиот период. Затоа најодговорно тврдиме дека немавме намера да навредиме никого. Сметаме дека маската беше само покривање на сите немили настани што се случија деновиве и жалиме за сето тоа. Ние сме убедени во сето тоа што го кажавме и затоа ги повикуваме нашите пријатели муслимани, да го посетат следниот карневал пред да судат и да се уверат во смислата и духот на маските и традициите“.

По протестите во Струга, симнувањето на државното знаме и палењето на црквата во Лабуништа, беше потпален и манастирот во тетовското село Мала Речица. Според медиумските информации, пожарот избил во црквата „Св. Ѓорѓи Победоносец“, кога непознати сторители запалиле стари врати од дворот покрај надворешниот ѕид од црквата. Иако надворешниот ѕид е оштетен, од пожарот што го гаснело и локалното муслиманско население, не е зафатена внатрешноста на црковниот храм.

„Со несебично ангажирање на месното население, а потоа и на тетовските противпожарникари, огнот целосно е изгаснат и спречено е негово натамошно ширење“, се вели во соопштението на полицијата. Инаку манастирот кој беше запален и целосно уништен за време на воениот кофликт во 2001-та, минатата година беше целосно изграден и годинава требаше да се наслика живописот, да се постават икони, и тој да се освети.

Во текот на ноќта или во раните утрински часови, на вратата на Исак џамијата во Битола, најголемата активна џамија во околината, изградена во 16 век, со црвен спреј биле испишани навредливи графити „Смрт за Шиптарите“ и нацртани крстови.

Иако ИВЗ деновиве излезе со политички обвинувања за Владата за неоградувањето од навредите кон Албанците во навивачките песни на навивачите на макеоднската репрезентација на ЕП во ракомет во Србија, претставникот на невладината организација „Илирикум либертас“, Ваљон Kуртиши, по инцидентите во Струга и Лабуништа, во медиумите излезе со став дека на протестниот митинг во Струга не се бранеле интереси на етничките Албанци.

„Таму имаше луѓе со бради, пароли на арапски јазик, тие луѓе не може да ги бранат интересите на албанскиот народ. Тие немаат ништо заедничко со нашиот народ. Го повикуваме МВР да ги контролира таквите сили за кои мислиме дека се надвор од Македонија, а не се внатре кај Албанците, туку доаѓаат од Блискиот Исток, од Турција. Со вакви протести кои се антиалбански и антиевропски не се бранат нашите интереси“, изјави Kуртиши.

XS
SM
MD
LG