Линкови за пристапност

НАТО со загриженост ги следи настаните во Македонија


Груевски и Столтенберг по средбата во Брисел
Груевски и Столтенберг по средбата во Брисел

Кажа генералниот секретар на Алијансата Столтенберг на прес-конференцијата со македонскиот премиер Груевски по нивната средба во Брисел

Премиерот на Република Македонија Никола Груевски денес во седиштето на НАТО во Брисел се сретна со генералниот секретар на оваа организација, Јенс Столтенберг. На средбата разговарале за учеството на Македонија во мисиите на Алијансата, но и за актуелната политичка ситуација во државата.

„Ги следиме со загриженост новите настани. Напредокот на реформите зависи од ефективен политички дијалог, правната држава и слободата на медиумите коишто се во срцето на нашата алтантска заедница. Сметаме на вас сето тоа да биде почитувано. Бараме од сите политички сили да бидат одговорни, да влезат во отворен и конструктивен дијалог и да се фокусираат на политичките и економски реформи коишто се неопходни за евро-атлантската интеграција“, изјави Столтенберг по средбата со Груевски.

На новинарско прашање да го коментира ставот на македонската влада дека странски разузнавачки служби се вмешани во аферата Пуч, тој само нагласи дека е важно медиумите и опозицијата да имаат добри услови за работа.

„Не сум во можност да ја коментирам информацијата дека странски разузнавачки служби биле активни во поранешната југословенска Република Македонија. Она што можам да го кажам е дека ја подвлеков важноста на слободата на медиумите и важноста да и` се даде на опозицијата можност да има добри услови за работа. Тоа се демократски вредности коишто треба да се почитуваат од страна на сите. Ја подвлекувам и важноста да има независна и темелна истрага за мошне сериозните обвинувања коишто беа изречени. Исто така, дека треба одговорните треба да поднесат сметки за тоа што се случило. Затоа е важна независна и темелна истрага за овие обвинувања“, рече Столтенберг.

На прашањето упатено до премиерот дали ја информирал опозицијата за тоа кои стратски служби се вмешани во случајот, премиерот Груевски изјави: „Јас прилично подробно ја опишав ситуацијата околу тоа што се случуваше во последниот период, безмалку една година тргнувајќи од сето она што ми беше презентирано во разговорите со шефот на опозицијата, преку оние работи што беа откриени од страна на Министерството за внатрешни работи и Обвинителството и презентирани на суд, вклучувајќи ја судската пресуда која веќе постои, како и признанијата на одредени луѓе во судската постапка за илегални активности и злоупотреба на службената должност, односно ги прекршиле законите на Република Македонија. Сето тоа друго ќе биде дел од понатамошната судска постапка која ќе биде јасна, транспарентна и отворени сме за било каков мониторинг во тој дел“.

Во однос на прашањето за името, Столтенберг рече дека решение мора да се најде пред Македонија да влезе во НАТО и дека се бараат напори во таа насока. Човекот на чело на НАТО и` се заблагодари на Македонија за учеството на македонските војници во мисиите во Авганистан и Косово.

XS
SM
MD
LG