Линкови за пристапност

Штрајкувачите чекаат реакција на Министерството за образование

  • Синиша Станковиќ

На тројцата професори на Штипскиот универзитет од утре им се придружуваат уште десетици професори и раководството на СОНК.

„Се чувствуваме добро! Колку што може, после ваков штрајк. Лекарите констатираа вртоглавици, малаксаност, низок притосок, тахикардија..., но се` тоа е веројатно нормално, по 11 денови гладување“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик д-р Крсте Шајноски. Тој е еден од тројцата професори на Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ што тврдат дека се принудени на ваков драстичен чекор за одбрана на своите права и на автономијата на универзитетот, од самоволието на деканот на Економскиот факултет.

Денес и Ректоратот на штипскиот универзитет одговори дека ја почнал постапката според решението на Државниот провестен иснпекторат што уште минатата недела им даде за право на штрајкувачите во поглед на нивните барања, но, тогаш, ректорот Саша Митрев соопшти „дека и да стасало решението од Државниот просветен инспекторат, администрацијата на Штипскиот универзитет била на одмор до 7 август“.

„По однос на решението е веќе постапено, односно рецензентските комисии ќе изготват нови извештаи, согласно забелешките од Државниот просветен инспекторат, кои ги очекуваме кон средината на месец август 2014 година, врз основа на кои ќе се формализира процедурата. Истовремено, апелираме до тројцата наши професори, доколку нивните намери се навистина искрени, во насока на задоволување на правдата, да се воздржат од понатамошно штрајкување и притисоци врз надлежните институции“, стои во новото соопштение на универзитетот „Гоце Делчев“.

Професорите - штрајкувачи револтирано одговорија со контра-соопштение, обвинувајќи дека се работи само за манипулација на јавноста: „Соопштението на Универзитетот го сметаме за уште еден обид да бидеме изманипулирани и ние и јавноста. Имено, Државниот просветен инспекторат (ДПИ) наведува дека Универзитетот треба да постапи во рок од 8 дена од добивањето на Решението, и дека треба да ја заврши постапката за наш избор во повисоко звање во законскиот рок - што во нашиот случај е 2-ри август! Со ваквото Решение, Универзитетот тенденциозно не` впушта во долг и манипулативен процес, преку злоупотреба и непочитување на решенијата на ДПИ, да се пролонгира постапката после 2 август, што всушност значи - повторно распишување на нови конкурси. Со тоа, не по наша вина, се попречува правото на професионален развој и бенефициите од таквото право. Нашиот штрајк не е со цел да вршиме притисок врз надлежните институции, туку искажување на револт на противуставното, незаконито, самоволно работење на менаџментот на факултетот, со кои се кршат нашите права на професионален и научен развој во кариерата согласно позитивните законски прописи.

Сосема нејасно е чии интереси на засегнати страни се загрозени со нашето штрајкување со глад, односно, со користењето на ваквото демократско право ние ги штитиме нашите уставно и законски загарантирани права. Го молиме менаџментот на Универзитетот да се произнесе чиј беше интересот да се доведе во прашање нашето работно место и правото на професионален развој во кариерата“, стои во реакцијата на штрајкувачите.

Иако за цело време на штрајкот не беа посетени од претставници на Универзитетот, и иако беа исфрлени од објектот на факултетот од универзитетското обезбедување, штрајкувачите не ги напушта оптимизмот. Според д-р Шајноски, разврската на настаните во прв план го исфрла Министерството за образование што мора да реагира на недозволивото однесување на деканот на Економскиот факултет и на обидот за манипулација на Универзитетот. „Ако ова помине, нема веќе да постои професорската фела“, потенцираше и преходно д-р Шајноски.

Министерот за образование Абдулаќим Адеми, пак, смета дека ниту тој, ниту Министерството не се адреси на коишто треба да се бара одговор за штрајкот на професорите, и, повикувајќи се на автономијата на факултетите, порача дека проблемот треба да го решат ректорот и деканот во Штип.

Претходно, откако ректорот на штипскиот универзитет Саша Митрев и деканот на економскиот факултет Ристо Фотов не се појавија на седницата на СОНК, беше најавено дека на тројцата професори, од утре, во штрајкот ќе им се приклучат уште 46 професори и наставници, како и целото раководство на Синдикатот за образование, наука и култура, нивните регионални претседатели и секретари. Синдикатот ќе побара и измени на законот за високо образование, за да се избегнат вакви ситуации во иднина.

Според д-р Јове Кекеновски, еден до професорите коишто во медиумите им дадоа поддршка на колегите – штрајкувачи, „состојбите во високото образование се загрижувачки бидејќи оваа сфера е се` повеќе под притисок на одредени бизнис и политички интереси. Правата на професорскиот кадар постојат само на хартија бидејќи нивниот статус и унапредување зависи од самоволието на раководството на факултетите и на универзитетот“.

Повеќе коментари

XS
SM
MD
LG