Линкови за пристапност

Професорите продолжуваат со штрајкот

  • Синиша Станковиќ

По 14 дена гладување, тие денес примиле инфузија.

Медиумите и денес јавуваат за влошената здравствена состојба на тројцата професори од штипскиот ниверзитет “Гоце Делчев“, што веќе 14 дена штрајкуваат со глад, затоа што и покрај во меѓувреме донесеното решение на Државната просветна инспекција во нивна полза, ништо не се презема.

Според Претседателството на Синдикатот за образование, наука и култура - СОНК, крајно е загрижувачка здравствената состојба на професорите Крсте Шајноски, Маргарита Матлиеска и Александар Костадиновски, па синдикалците повторно побараа надлежните веднаш да ги отстранат причините за настанатата состојба што доведе до драстичниот протест. Медиумите истакнуваат дека ова е прв штрајк со глад на универзитетски професори во Македонија.

Покрај тоа што педесетина професори, наставници и членови на Советот на СОНК ширум Македонија, во знак на протест и на солидарност со штрајкувачите, што се избркани од работа од Економскиот факултет на Универзитетот во Штип, и самите почнаа штрајк со глад, СОНК излезе и со соопштение за поддршка на идната правна постапка за да „се утврди конкретниот виновник за овој случај и врз основа на тоа да се бара соодветен надомест за последиците по здравјето на професорите од долготрајниот штрајк со глад“.

Претседателството на СОНК со крајна сериозност предупредува дека „се надева и се моли да се сочува здравјето на тројцата професори, но доколку се случи…, тоа ќе го сметаме за смислено… ,и ќе бараме најстрога казна според законите на оваа држава за такво дело“.

Во сопштението, сидникалците намерно го изоставуваат зборот убиство, но потенцираат и дека „со три точки ги одбегнуваме зборовите кои сигурно ќе внесат немир кај многумина, но сепак сметаме дека на тие што се искрено загрижени за овој случај им е јасно за кои зборови станува збор“.

Еден од штрајкувачите, д-р Шајноски и во своја колумна истакна дека „додека почитуваниот ректор (на штипскиот универзитет, д-р Саша Митрев – н.з) не се срами јавно да признae дека се релаксира по грчките песочни плажи, додека неговите тројца вработени 14 дена штрајкуваат со глад и учествуваат во „претставата за јавноста“, во Регионалната канцеларија на СОНК и понатаму остануваме ние, тројцата професори и низ Републикава, 50-те синдикалци, зад кои стои 35-илјадно членство, кои го земаа „луксузот“ да го стават сопственото здравје на коцка, да се одделат од сопствените семејства, и сето тоа без рок до кога. Впрочем, рокот е јасен, до крај, додека не се реализира единственото барање, кое е јасно, просто и едноставно“.

Според Шајноски, предлогот што им го упатил ректорот „е надвор од постојната регулатива за избор во повисоки звања на Универзитетите. Па, дури и кога би го прифатиле, тој нема правно дејство и може да се оспорува. Меѓутоа, за волунтаристите, таквото решение би станало преседан со кој се „гиљотинира“ постојната законска регулатива и би им се отворил простор за самоволно, автократско однесување на Универзитетот“.

И двајца професори од Битола реагираа со отворено писмо до ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ од кого бараат да го свика Наставно-научниот совет, а членовите на ННС да гласаат согласно позитивните законски прописи.

„Одговорноста за здравјето и животот на тројцата професори се наоѓа во Ваши раце и зависи од Вашата совест. Доволно е за миг Вие како менаџер, но и членовите на Советот, како донесувачи на одлуки, да замислите дека Вашите најблиски се наоѓаат на местото на професорите кои штрајкуваат со глад. Се надеваме дека овој апел ќе допре до Вашата човечност и Вие во најкраток можен рок ќе одговорите согласно законите и во рамките на своите надлежности“, пишуваат д-р Марика Сотировска – Сервини, примариус, професор на Високата медицинска школа – Битола (во пензија) и м-р Јани Сервини, професор во СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ од Битола.

Професорите инсистираат да ги добијат звањата вонредни професори за што позитивно се изјаснила рецензентската комисија на факултетот, тврдат дека ги исполнуваат сите услови и дека тоа е констатирано од комисијата и објавено во службениот гласник на Универзитетот.

„Нашиот штрајк не е со цел да вршиме притисок врз надлежните институции, туку искажување на револт на противуставното, незаконито, самоволно работење на менаџментот на факултетот, со кои се кршат нашите права на професионален и научен развој во кариерата согласно позитивните законски прописи“, се наведува во соопштението на професорите Шајноски, Матлиеска и Костадиновски.

XS
SM
MD
LG