Линкови за пристапност

Штрајкот со глад на Штипскиот униврзитет добива се` помасовна поддршка

  • Борјан Јовановски

Ректорот и професорите разменија писмени обвинувања.

Штрајкот на Крсте Шајнкоски, Маргарита Матлиевска и Александар Костадиновски, тројцата професори од Штипскиот универзитет, добива се` поголема поддршка од членовите на Синдикатот на вработените во образованието.

„Ние целосно ги подржуваме барањата на тројцата професори. Остануваме до крај. Штрајкуваме во сите регионални одбори во државата, претседателите и секретарите стапуваат во штрајк со глад. Не отстапуваме се` додека не се отстранат констатираните кршења на законските одредби во делот на доделување на повисоки звања на професорите, од што зависи и нивниот работен однос“, вели Маријан Костадиновски, на чело на Регионалниот одбор на СОНК од Штип.

„Сметаме дека на тројцата универзитетски професори им е направена неправда и бараме истата да биде исправена, односно да биде постапено по решението на Државниот просветен инспекторат. Штрајкот ќе трае сѐ додека не се исполнат барањата, односно не дојде до повторување на постапката на гласање на Наставно-научниот совет врз основа на рефератот на Рецензентската комисија“, најави Ванчо Спиркоски, претседател на регионалниот одбор на СОНК од Прилеп, којшто се приклучи на штрајкот.

Одлука да штрајкува донесе и раководството на битолскиот одбор на СОНК, според Фанче Јошевска којашто е на неговото чело.

Во Охрид, Ацо Речкоски, претседателот на регионалната канцеларија на СОНК најави дека штрајкот ќе продолжи се` додека целосно не се разреши случајот и постапи според одлуката на Државниот прсветен инспекторат.

Шајноски за НОВА изјави дека „самиот факт што најголемиот Синдикат за образование, наука и култура застана позади нас тројцата професори од Штипскиот економски факултет го потврдува фактот дека се работи за случај кој не смее да се дозволи да помине незабележан од институциите на системот и токму поради тоа, истите треба што поскоро да реагираат. Нереагирањето од страна на институциите подразбира протежирање на самоволие и авторитарност од нивна страна“.

Ректорот на Штипскиот универзитет Сашо Митрев, пак, во писмена изјава до медиумите порача дека „за да се избегнат какви било манипулации со јавноста, за да се избегне ситуација на маченици и репресивна управа на Универзитет, ги повикувам доцентите-штрајкувачи да одредат тројца редовни професори од групата од наставници која сака да се вклучи во штрајкот или кои било други наставници кои штрајкувачите ќе ги одредат, заедно со еден правник и еден редовен професор од УГД и еден претставник од МОН, да направат точна и недвосмислена евалуација на сегашните рецензии на тројцата наставници и нека излезат со извештај до јавноста дали сегашните рецензии на овие наставници ги задоволуваат нормите за избор на вонредни професори кои се предвидени во Законот за високо образование. На мислење сум дека само вистината може да биде решение на овој создаден проблем“.

На оваа изјава професорите – штрајкувачи одговорија со отворено писмо до ректорот.

„Тврдите дека Универзитетот Гоце Делчев е неосновано вовлечен во проблем и без никаква своја вина. Само за потсетување: Државниот просветен инспекторат досега во неколку постапувања констатира работење спротивно на Законот за високото образование од страна на деканот на Економски факултет, како и од страна на дел од професорите вработени на Економскиот факултет. Како ректор, веројатно требаше да поведете сметка за таквото работење на Економски факултет. Ништо не презедовте!“, стои во нивниот одговор.

XS
SM
MD
LG