Линкови за пристапност

Законодавци и странски лидери реагираат на говорот на Обама


Републиканците прашуваат како претседателот ќе ги финансира највените иницијативи

Американските законодавци покажаа мешани реакции на годишното обраќање на Обама до нацијата, особено во однос на економската и надворешната политика.

За водачката на демократското малцинство во Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, синоќешниот говор претставува „моќна визија за можности и напредок“ за американските семејства, особено плановите за помош на средната класа.

Од друга страна, републиканците прашуваат како претседателот ќе ги финансира највените иницијативи. Сенаторот Кори Гарднер се спротистави на идејата за нови средства преку нови даноци за најбогатите Американци. Републиканката Кендис Милер, позната на македонската јавност како копретседавачка на Конгресната група за Македонија, реагираше дека Обама сосема правилно го идентификувал проблемот со којшто се соочуваат САД околу нееднаквоста во примањата, но рече и дека тој нуди погрешно решение. И таа е против зголемување на даноците и усложнување на процесот на оданочување.

На тема глобален тероризам, републиканскиот конгресмен Ед Ројс, претседавач на Комисијата на Претставничкиот дом за надворешна политика, ги критикуваше потезите на претседателот околу контратероризмот, велејќи дека Обама е, „нетрпелив да објави победа над џихадистичките групи“.

Во редовите на демократите, конгресменот Дејвид Скот изрази незадоволство со политиката на претседателот на оваа тема. Сенаторката Барбара Боксер, пак, истакна дека Обама покажал лидерство кога говорел за САД како предводник на обединетиот свет во справувањето со заканата од тероризмот.

Во однос на руско-украинскиот судир, Обама подвлече дека поддршката за украинската демократија и НАТО-сојузниците е во контекст на, како што нарече, принципот дека поголемите нации не можат насилнички да се однесуваат кон помалите. На ова денес реагираше рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Тој коментираше дека говорот на Обама ја покажува - како што ја нарече - американската желба за доминација во светските прашања и оцени дека САД се определиле за агресивен курс. Лавров рече и дека Москва продолжува да соработува со Западот во борбата против тероризмот, и покрај напнатоста околу Украина.

XS
SM
MD
LG