Линкови за пристапност

Владата да утврди одговорност, опозицијата да се врати во Собранието


Џеф Ратки, директор на Канцеларијата за печат на Стејт департментот
Џеф Ратки, директор на Канцеларијата за печат на Стејт департментот

Стејт департментот повика сите страни во Македонија да ги почитуваат правата на слобода на собирање и мирен протест и да се воздржат од насилство

Американската влада будно ги следи настаните во Македонија и заедно со европските партнери останува во блиска консултација со владата и со политичките водачи во земјата, за да ја пренесе загриженоста за политичката криза. Ваков став изнесе Џеф Ратки, директорот на Канцеларијата за печат на Стејт департментот, на синоќешниот редовен брифинг, одговарајќи на прашањето на Гласот на Америка - што може да сторат САД за да ја вратат Македонија на евроатлантскиот пат, а во контекст на изјавата на сенаторот Крис Марфи дека политичката криза во Македонија е потсетник дека официјален Вашингтон не смее да ги земе мирот и стабилноста на Балканот здраво за готово.

“Ги повикуваме сите страни да ги почитуваат правата на слобода на собирање и мирен протест и да се воздржат од насилство. Ги повикавме властите да остварат напредок во утврдувањето на одговорност во врска со наводите за владини престапи што потекнаа од неодамнешните обелоденувања. Исто така, ја повикавме опозиционата партија да се врати во Собранието за да може да учествува во зајакната собраниска контрола врз институциите на македонската Влада, меѓу што и во комисијата за истрага на обелоденувањата“, рече Ратки.

САД се охрабрени од потегот на Владата да ги замени клучните министри и владини претставници коишто се наведуваат во аферата со прислушување и тоа го сметаат за позитивен чекор, но Ратки додаде: „Веруваме дека сите водачи на Македонија треба да соработуваат и да се ангажираат во дијалог за прашањата со коишто се судира земјата, а во нив се вклучени неопходните реформи и тековната политичка криза“.

XS
SM
MD
LG