Линкови за пристапност

Дружењето на Интернет и задоволството од животот


Дружењето на Интернет и задоволството од животот
Дружењето на Интернет и задоволството од животот

Американците кои користат Твитер или Фејсбук имаат поголема доверба, повеќе пријатели, според најново истражување.

Не само тренд, туку и феномен: комуникацијата преку виртуелниот, кибернетски свет, Интернет, за многумина денес е начин да се остане поврзан со - реалниот свет. Преку новите медиуми како Твитер и Фејсбук, луѓето обновуваат стари и започнуваат нови пријателства, врски.

Но, за дел од аналитичарите, токму ваквите медиуми за дружење прават луѓето да бидат се` помалку социјализирани, се повеќе повлечени од реалноста, отуѓени и вовлечени во односот човек-компјутер, мобилен телефон или која и да е друга алатка што овозможува влез во кибернетскиот простор. Комуникацијата преку вакви средства со други луѓе е егоцентрична, еднострана: луѓето стануваат зависни од формата - испраќаат текст-пораки во кои изнесуваат дури и најинтимни податоци за себе, но притоа не развиваат каква и да е врска со чувствата на другите.

Па сепак, најново истражување на 2.200 американски адолесценти, што го направи Истражувачкиот центар Пју, покажува дека оние кои ги користат мрежите за Интернет-дружење имаат, како што се наведува во студијата, „повисока мерка на социјална благосотојба“. Истражувачите утврдиле дека овие луѓе се со поголема доверба, имаат поголем број на блиски пријатели, поголема поддршка од тие пријатели и се политички поактивни од другите Американци.

Фејсбук, конкретно, наведува истражувањето, помогнал на многумина корисници повторно да стапат во контакт со стари пријатели од училиштето, или пак да обноват дамнешни врски.

Додека критичарите наведуваат дека Фејсбук токму со ваквата помош практично одмага, бидејќи ги оддалечува луѓето од директните врски и ги прави зависни од компјутерот, професорот Кит Хемптон од Универзитетот на Пенсилванија, кој раководел со истражувањето, го тврди спротивното.

“Откривме дека токму луѓето кои користат мрежи како Фејсбук имаат поблиски врски и е поголема веројатноста да се вклучат во граѓански и политички активности“.

Бројот на корисници на мрежите за дружење двојно се зголемил од 2008-ма, стои во обемниот извештај на професорот Хамптон на 85 страници – многу, многу повеќе од дозволените 140 знаци во една Твитер порака!

XS
SM
MD
LG