Линкови за пристапност

Сноуден сака да се врати во САД


Едвард Сноуден

Едвард Сноуден

Во интервју за НБЦ се брани од обвинувањето на американската влада дека е предавник којшто загрозил човечки животи.

Едвард Сноуден, самопрогласениот шпион и човекот којшто достави тајни на американската Националната агенција за безбедност (НСА) до медиумите, вели дека сака да се врати во САД.

Во своето прво интервју за една американска телевизија, Сноуден, кој пребегна во Русија, на водителот на ТВ-мрежата НБЦ Брајан Вилијамс му кажа дека на себе гледа како на патриот, но дека планира да бара од Русија да му го продолжува азилот се` додека не стане можно да се врати дома.

Тој се бранеше од обвинувањето на американската влада дека е предавник којшто загрозил човечки животи со тоа што го откри обемот на шпионската програма на НСА.

„Би рекол, може ли да го покажете тоа? Дали има некоја демонстрација? Јас ги прашувам САД, печатот ја прашува американската влада веќе една година. Доколку по една година не можат да покажат на ниту едно лице коешто претрпело штета, на каков и да е` начин, поради медиумското известување, дали навистина ова е така тешко? Дали навистина е така сериозно? И, дали навистина може да веруваме на таквите тврдења, без да ги испитаме?“, рече Сноуден.

Запрашан дали би се договорил за да се врати во САД, Сноуден кажа дека најпрвин сака „да се увери дека овие програми се реформирани“ и дека семејството и земјата што ги остави зад себе би можеле да имаат помош од неговите постапки. Тој рече и дека сите три гранки на американската влада веќе направиле реформи како резултат на тоа што тој го сторил.

„Реалноста на ситуацијата одреди дека ова требаше да се каже на јавноста. Знаете, Уставот на САД беше прекршен во масовен обем. Да не се случеше тоа, да не појдеше владата предалеку и да не посегнеше - немаше да бидеме во ситуација во која ќе бидат неопходни луѓе коишто протекуваат информации“, кажа Сноуден.

САД го обвинија Сноуден за кражба и две основи на шпионажа, откако го откри обемот на програмите на НСА за набљудување, меѓу кои и собирањето на голем број на телефонски и Интернет-податоци од Американците.

Реагирајќи на интервјуто, американскиот државен секретар Џон Кери рече дека Сноуден би требало да покаже зрелост и да се врати во САД за да се соочи со обвинението.

Сноуден веќе една година живее во Русија, каде доби азил откако до весниците Гардијан и Вашингтон пост достави голем број документи на НСА за тајните американски шпионски операции.

Сноуден го искористи интервјуто за да ги отфрли наводите на критичарите дека не бил ништо повеќе од ниж аналитичар. Тој рече дека бил обучуван за шпион и дека тајно работел во странство за американското разузнавање.
XS
SM
MD
LG