Линкови за пристапност

Судењето за петкратното убиство кај Смилковското Eзеро влезе во завршната фаза

  • Соња Трајковска

Денес завршен збор даде Обвинителството, на 5-ти јуни тоа ќе го стори одбраната.

Обвинителството бара најстрога казна - доживотен затвор за шестмината обвинети за петкратното убиство кај Смилковското Eзеро пред две години.

Со денешните завршни зборови на застапниците на обвинението, судскиот процес против обвинетите Алил Демири, браќата Африм и Агим Исмаиловиќ, Сејди Рами, Фејзи Азири, Хаки Aзири и Сами Љута, што започна пред година и половина, влезе во завршната фаза.

„Долго размислував за овие завршни зборови и се одлучив тие да бидат кратки и брзи. Кратки - како што беше краток животот на жртвите, брзи - како што заврши брзо нивниот живот“, рече на почетокот јавниот обвинител Гордана Гешковска, истакнувајќи дека и материјалните и вербалните докази од главниот претрес утврдиле дека шестмината обвинети со убиството на четирите млади момчиња од Радишани и рибарот од Црешево на 12-ти април 2012-ра година, на Велики четврток, кај Смилковското Езеро сториле кривично дело - тероризам. Во завршните зборови, обвинителката ги посочи и наодите од вештачењето, кое, според неа, потврдило дека Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ истовремено од пиштол и автоматски пушки на растојание до 1,5 метри пукале во Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски, Александар Накевски и Филип Славковски и дека браќата Исмаиловиќ со автоматски пушки пукале кон рибарот Борче Стевковски додека тој бегал кон своето возило.

„Многумина ме прашуваа за мотивот за извршеното кривично дело. За сите кои ме прашуваа: не е случаен денот - 12.04.2012 кога е извршено кривичното дело. На најголемиот христијански празник - Велики четврток, убиени се млади машки лица од македонска националност. Ако била намерата друга, ќе биле убиени и други лица. Пораката е: пукаме на Велики четврток за да ви биде крвав Велигден, за да ви ја уништиме верата. Пукаме во млади машки лица за да ви ја уништиме нацијата. Пукаме во иднината на државата. Зарем ова не говори доволно за мотивот за извршувањето на кривичното дело и за намерата да се предизвика чувство на страв и несигурност кај граѓаните? Судот да ги казни со најстрога казна обвинетите за да се задоволи правдата и никогаш да не се повтори ова“, рече Гешковска.

Во останатиот дел од завршните зборови, Гешковска говореше и за радикалната исламистичка содржина за која вели дека била пронајдена во компјутерите на обвинетите, за картографските мапи и сателитските снимки од обиколницата и Смилковското Езеро.

Салата во Основниот суд Скопје 1 денес беше претесна да ги прими сите за завршните зборови на Обвинителството.

„Тој ден Кире излегол на риболов со другарите и никогаш не се вратил дома. Имал само 21 година и бил студент. Имал многу планови во животот, но тој кобен ден сите планови останаа нереализирани. Семејството Тричковски очајно бара одговор од надлежните институции на прашањето - што се случило на 12.04.2014, кој и зошто го убил нивното чедо? Обврската да се задоволи правдата не е само кон семејствата, туку кон целата македонска јавност“, рече во обраќањето адвокатката на семејството на убиениот Кире Тричковски, Дафинка Ивановска.

На 5-ти јуни ќе бидат изнесени завршните зборови на одбраната на шестмината обвинети. Пресудата што потоа треба да биде донесена, најверојатно ќе биде во отсуство на двајцата првообвинети, Алил Демири и Агим Исмаиловиќ, кои на Косово се осудени за нелегално поседување оружје, а косовските власти се уште не постапиле по барањето на македонските власти за екстрадиција. Одбраната во текот на целата постапка тврдеше дека Обвинителството со ништо не докажало дека тие се виновниците, ниту мотивот.

„Во завршниот збор на јавниот обвинител не чувме ниеден непосреден доказ што е во врска со дејствието на извршување на кривичното дело или особен придонес на обвинетите во извршување на делото. Се` она што беше изнесено се однесува за докази што по негово мислење се во врска со извршување на делото, меѓутоа тие како такви се посредни докази и индиции“, изјави адвокатот на обвинетите Георги Настевски.

„Очигледно дека е јасно времето, начинот и местото на извршувањето на овој деликт, меѓутоа во никој случај не се докажаа ниту извршителите на овој кривично правен настан, ниту пак мотивот. За мотивот се` уште може да се нагаѓа, едноставно може да се претпостави кој бил мотивот, според мое размислување“, изјави по рочиштето адвокатот Насер Руфи.
XS
SM
MD
LG