Линкови за пристапност

Македонија: Дебата за контрола на оружјето, семејното насилство

  • Борјан Јовановски

Првиот системски Закон за спречување на семејно насилство влегува во сила во 2015-та, додека Законот за оружје не се однесува на службеното.

Две убиства во Кавадарци и Злетово во кои се убиени шест лица од страна на припадници на безбедносните сили ја разгоре дебатата во јавноста околу контролата врз оружјето, но и улогата на институциите во спречувањето на семејното насилство кое е во позадина на двата трагични инциденти.

Невладини организации и опозицијата истапија со реакции околу функционалноста на центрите за социјална грижа, чија задача, меѓу останатото, е да спречи семејно насилство.

Во двете убиства семејствата се обраќале до Центрите за социјални грижи со поплаки дека биле жртви на семејно насилство.

Латифе Шиковска од невладината организација „Амбрела“ вели дека центрите не работат како што треба, туку само формално постојат. Таа посочи и на други случаи кога центрите не реагирале на пријави за семејно насилство.

Опозициската СДСМ побара одговорност од институциите.

„Пет семејства за нецел месец се завиени во црно, благодарение на нефункционирањето на институциите на системот. Две тројни грозоморни убиства за нецел месец се случија од службено оружје, што треба да штити, а не да усмртува луѓе. Болките на граѓаните им ги нанесува системот, тој систем што 9-та година е под раководната палка на ВМРО-ДПМНЕ. Власта на ВМРО-ДПМНЕ треба да понесе одговорност “, се вели во соопштението на СДСМ.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека во 2014 година од страна на судовите изречени се 203 мерки за заштита, а во периодот јануари-септември бројот на пријавени случаи на семејно насилство изнесува 694 лица.

Во овој контекст на 17 септември 2014 година донесен е првиот системски Закон за превенција од семејно насилство, што влегува во сила на 1 јануари 2015 година.

Либералната партија го отвори прашањето за контрола врз припадницте на безбедбносните сили. Двете убиства во Кратово и Злетово ги извршиле припадници на безбедноните структури. Партијата смета дека треба да се работи на кадровска и психолошка селекција луѓето на кои професијата им дава пристап до оружје.

Министерката Гордана Јанкулоска најави дека се водат разговари за мерки кои ќе значат нови нормативни решенија за построга регулатива во располагањето и ракувањето со службено оружје, затоа што Законот за оружје се однесува само на оружјето што е со приватна дозвола за поседување.

„Владата веќе најави иницијатива по однос на која постапуваме и очекувам многу брзо сите институции во државата каде што вработените ракуваат со оружје, да ги ревидираат интерните прописи и процедури, што се однесуваат на нивната работа и да се предложат решенија за дополнителна превентивна активност“, изјави министерката Гордана Јанкуловска.

Таа апелираше за мобилизација на целото општество во кампања за нетолеранција на насилството.

Во врска со двете убиства таа рече:

„Во конкретниот случај потребно е да се направи дистинкција, затоа што убиството е сторено со службено оружје, а тоа не потпаѓа под Законот за оружје, туку подлежи на поинаков режим. Ние би сакале да го зајакнеме тој режим, што се однесува на сите институции или органи каде што вработените ракуваат со оружје“.

XS
SM
MD
LG