Линкови за пристапност

Во Скопје уапсени 14 судии


Судиите се лишени од слобода заради неизвршување на пресудите по прекршоци, со што го оштетиле буџетот на државата

Во исчекување на извештајот за напредокот на Македонија во евроинтеграциите, денес топ-тема во македонските медиуми беше полициската акција „Јустиција“, во која се уапсени 14 судии од Одделението за прекршоци во Основниот суд Скопје 1, како и 11 судски службеници од истиот Суд, под сомневање дека сториле кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, од членот 353 од Кривичниот закон.

Одделот за сузбивање на организиран криминал во Основното Јавно обвинителство Скопје, по спроведени мерки во подолг временски период, поднел кривична пријава, која според дел од медиумите има неколку стотини страници, а уапсените лица се изнесени пред Јавен обвинител. Според министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, приведените судии и судски службеници - со неизвршување на службената должност му нанеле штета на буџетот на Македонија „од 1.308.515 евра за ненаплатена, а пресудена глоба, како и 3.773.500 денари за ненаплатен, а претходно пресуден паушал“.

Приведените судии се осомничени дека го сториле делото како судечки судии во Основниот суд Скопје 1, во Одделот за прекршоци, во текот на 2012 и во првото тромесечје од 2013 година, кога со останатите службени лица кои работеле со нив, постапувајќи по прекршочни предмети, ги искористиле службената положба и овластувања - неизвршувајќи ја службената должност. Според соопштението на МВР, наместо да ги верификуваат и експедитираат пресудите ,,со што тие би станале правосилни, и по роковите за жалби - извршни, судиите ги чувале пресудите до застарување на делото.

XS
SM
MD
LG