Линкови за пристапност

Волерс: Горди сме на нашето пријателство со Македонија


Во Амбасадата на САД во Скопје се одржа прием по повод американскиот Ден на независноста

Политичари, бизнисмени, дел од научната и интелектуалната фела, дипломати, новинари и други јавни личности, беа дел од синоќешниот прием во Амбасадата на САД во Скопје, што традиционално секоја година се одржува во пресрет на Националниот празник 4-ти јули – Денот на независноста на САД.

„Горди сме на нашето пријателство со Македонија и на врските што ги имаме. Посакувам тоа да расте и да се зацврстува и секогаш да ги почитуваме вредностите кои ги споделуваме, рече во обраќањето, домаќинот, амбасадорот на САД во Македонија Пол Волерс, на свеченоста на кој присуствуваа и македонскиот претседател Ѓорге Иванов, првиот човек на македонскотот Собрание Трајко Вељаноски и голем број министри.

Говорејќи за историјата на неговата нација, амбасадорот Волерс, посебно ја истакна разноликоста на американските граѓани, што според него ја прави Америка силна. САД е земја на имигранти, потенцира амбасадорот Волерс, притоа давајќи го во прилог и сопствениот пример: потрагата по подобри можности ги довеле во САД и неговите баба и дедо од Германија и Данска. Тука тој спомена и неколку македонски граѓани, кои животот ги однел во САД, како Мајк и Мариан Илич, успешни претприемачи кои се дел од првата генерација Американци со македонско потекло, но и кошаркарот Перо Антиќ и режисерот Милчо Манчевски.

Сите тие, како што рече, го збогатуваат животот и општеството на Америка. Во еден дел од обраќањето, првиот американски дипломат во Македонија, ја раскажа приказната за Македонецот Стојан Кристоф, кој на 13-годишна возраст дошол во САД, и од работник на пругата на Големата северна железница стасал до позицијата член на Претставничкиот дом на Вермонт и на Сенатот на Вермонт.

„Стојан Кристоф рекол: во мојот живот имав две мајки: Македонија која ме роди и Америка која ме посвои. Оваа реченица зборува многу за нашето партнерство и заеднички врски. Препознавањето на улогата на нашите две земји, на двете татковини во постигнувањето на овој индивидуален успех треба да не прави сите нас горди“, рече амбасадорот Волерс.

Говорејќи за соработката меѓу САД и Македонија изминатите децении, Волерс, кому наскоро му завршува амбасадорската функција во Македонија, потсети на полињата на кои САД и Македонија години наназад успешно соработуваат.

„Нашите американски војници биле рамо до рамо со војниците од Македонија во Ирак и во Авганистан, од 1996 година наваму повеќе од 400 волонтери на Мировниот корпус имаат воспоставени врски и пријателства во градови и села низ Македонија, американските компании имаа придобивка од квалификуваната и талентирана работна сила во Македонија, преку програмите за размена на Амбасадата на САД во изминатите 20 години повеќе од 20.000 граѓани на Македонија биле во Соединетите Држави за да студираат, работат и да градат нови мостови на разбирање помеѓу нашите народи“, истакна амбасадорот на САД во Македонија Пол Волерс, во обраќањето на приемот во Скопје, по повод Денот на независноста.

XS
SM
MD
LG