Линкови за пристапност

Форум за енергетика во Скопје

  • Соња Трајковска

САД и цела Европа имаат огромен потенцијал за работа заедно, во однос на прашањата за енергија и енергетска безбедност, истакна амбасадорот на САД Пол Волерс

Деловните и политичките ризици за енергетската безбедност, европската енергетска политика - Русија и Балканот, диверзификацијата на извори - цевководен и течен природен гас и правците на Македонија – регионализација и соработка, се темите на кои денеска се дискутираa на Форумот за енергија, во организација на Амбасадата на САД во Скопје и советодавната организација „Аналитика“.

„Нема сомнеж дека енергетската безбедност е важна за секоја земја. САД и цела Европа имаат огромен потенцијал за работа заедно, во однос на овие прашања за енергија и енергетска безбедност“, истакна амбасадорот на САД Пол Волерс, во воведното излагање на Форумот.

Во анализата на геополитичката и економската рамка на енергетските прашања во Македонија и регионот, и во тој контекст соработката на релација Вашингтон – Скопје, американскиот дипломат ја наведе помошта од УСАИД за развивање стратегија за ниски емисии за намалување на загадувањето.

„Откако Македонија стана земја - кандидат, САД учествуваа со голема финансиска помош во различни области. Инволвираноста на приватниот сектор исто така е важна за енергетскиот сектор, за и понатаму да се охрабруваат енергетските компании во САД да инвестираат и да тргуваат со Македонија и со регионот. Проширените комерцијални врски се важни за стопанствата на двете земји “, изјави амбасадорот на САД во Македонија, Пол Волерс.

Амбасадорот на ЕУ во Македонија Аиво Орав смета дека земјите од Западен Балкан се соочуваат со ограничени основни извори на енергија, додека, пак, енергетскиот сектор со голем број предизвици, како намалување на емисиите на јаглерод диоксид, енергетска ефикасност и потребата од замена на старите енергетски капацитети. Иако ЕУ во извештајот за напредокот на земјава за минатата година забележува дека постои одреден напредок во областа на енергетиката, посебно кај енергетската ефикасност и регулаторната рамка на пазарот на електрична енергија и природен гас, амбасадорот Орав истакна дека се` уште има неисполнети обрски, како што е целосна либерализација на пазарот на електрична енергија.

„Има одредени подобрувања. Владата треба да финализира некои од веќе започнатите ревизии на законите. Воедно, потребно е надминување на бариерите на националниот пазар кои спречуваат ефективно отворање на пазарот со електрична енергија. Бараме земјата да обезбеди целосна либерализација до јануари 2015 година“, истакна тој во излагањето.

Последните случувања со Украина уште еднаш покажуваат дека секоја земја мора стратешки и долгорочно да ја планира својата енергетска безбедност, истакна Соња Зибер, претседател на „Аналитика“, коорганизатор на денешниот форум, укажувајќи на потребата од постојана дебата меѓу засегнатите страни за енергетска безбедност и стабилност, кои се клучни за економскиот развој и просперитетот на секоја земја.

Во контекст на влијанието на ситуацијата во Украина врз проектот Јужен тек на Балканот, особено по најавите од Бугарија дека привремено ги запира работите на изградбата на овој гасовод, претседателот на Центарот за енергетска ефиканост МАЦЕФ, професорот на Машинскиот факултет во Скопје, Константин Димитров смета дека Македонија не треба да стравува од евентуални проблеми во снабдувањето со природен гас, барем во следните 5 до 6 години.

„За овие дворски игри што се случуваат во овој момент со состојбата во Украина, јас, лично, воопшто не сум загрижен за она што го изјавила Бугарија. За сите нас би било загрижувачки ако тоа го слушнеме од Австрија или Германија, бидејќи се многу посериозни играчи во ова подрачје. И да се одложи изградбата на Јужен тек за неколку месеци или година, за Македонија тоа не претставува сериозен проблем. И Европа има вложено свои средства и нема да дозволи тој да пропадне“, смета професорот Димитров.

Тој објаснува дека Македонија има голема резерва со оглед на можноста за транспорт на 800 милиони кубни метри гас и потрошувачка од 200 -250 милиони, а за пет години, како што вели „политичката состојба и во светски рамки може да се измени“.

По излагањата на амбасадорите на САД и на ЕУ, Форумот продолжи во панел- дискусии затворени за медиумите. Инаку, ова не е прв ваков форум на Американската амбасада и на „Аналитика“. Лани, на истиот овој датум, во ЕУ Инфор Центарот во Скопје се одржа Форум за гасификација, насловен како „Енергетска стратегија, безбедност и гасификација во Македонија“, на кој по истиот принцип на панел дискусии се разгледуваа концептите и предизвиците за гасификацијата и енергетска безбедност на земјава и регионот.
XS
SM
MD
LG