Линкови за пристапност

Реакции на грозоморното петкратно убиство

  • Синиша Станковиќ

Политичките фактори повикуваат на воздржаност; на теренот се` уште е напнато.

Делегацијата на Европската унија во Скопје изрази најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите од синоќешното убиство кај селото Смиљковци и повика на воздржаност.

“Запознаени сме дека Министерството за внатрешни работи спроведува детална истрага, затоа ги повикуваме сите страни да останат мирни и воздржани и да им дадат доволно простор на властите да ги најдат и да ги изведат пред лицето на правдата одговорните за овој ужасен чин“, соопштија од делегација на ЕУ, чиј челник, шефот на делегацијата амбасадорот Аиво Орав, според медиумските извештаи, бил во постојан контакт со македонските власти.

По изјавата на Амбасадата на САД во Скопје, во која беше изразено длабоко сочувство до семејствата на загинатите и беше испратен повик до сите засегнати страни да останат мирни и да се воздржат од шпекулации или од неосновани тврдења, како и апел за трпение додека не се откријат фактите за случајот, американскиот амбасадор Пол Волерс денес се сретна со претседателот на Демократската Унија за Интеграција, Али Ахмети. Обајцата изразиле жалење за тешкиот инцидент. Лидерот на ДУИ и американскиот амбасадор се согласиле дека е значајно да се изведе темелна истрага за злосторниците да бидат изведени пред суд, како и дека е особено значајно македонските институции активно да ја менаџираат ситуацијата. Соговорниците истакнале и дека и граѓаните и медиумите треба да дадат свој придонес и дека не треба да се имаат предрасуди за мотивите за злосторството.

Македонската полиција врши сеопфатна истрага за петкратното убиство што ја вознемири македонската јавност и предизвика големо интересирање во целиот регион. Според министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, мобилизирани се сите полициски службеници, зголемено е полициското присуство низ целата престолнина за да се сопре евентуална ескалација на настаните. Според неофицијалните информации, педесеттина лица, главно жители од соседните села и населби, биле повикани на информативен разговор.

Во напнатоста што настана по реакциите на шокираните граѓани на населбата Радишани, од каде потекнуваат четирите убиени момчиња, биле оштетени пет возила, меѓу кои и еден автобус на скопскиот градски превоз. Полицијата го контролираше секој влез кон населбата, и таа ќе остане на терен и ноќва. Жителите, кои во изјавите за медиумите потенцираа дека жртвите биле „мирни момчиња кои никому не згрешиле“, побараа итно да биде расчистен случајот и да биде откриен злосторникот или злосторниците. Во населбата Радишани дојде и градоначалникот на Бутел кој побара од сограѓаните да надвладее разумот.

Вчерашното страотно злосторство, денес е топ-тема во медиумите од речиси целиот Балкан. Медиумите од Србија, Хрватска, Босна, Бугарија... ги пренесуваат досега познатите околности за петкратното убиство. И новинската агенција „Ројтерс“ извести за злосторството.

Организацијата „Форум за безбедност“, поттикна од коментарите на мрежите на Интернет и од начинот на известување на одделни медиуми, реагираше со соопштение што се однесува на „секундарниот негативен ефект од толкувањата на петократното убиство“.

„Може со сигурност да се констатира дека во просторот на јавното мислење доминира елементот на автохтоно дезинформирање за мотивите на убиствата во комбинација со евентуално политичко-популистички мотив - убистватата, политички да се инструментализираат. Овој вид на убиства, предизвикувајќи посебно внимание на медиумите кои задолжително известуваат за истите, не секогаш ја отсликува криминолошко-криминалистичката стварност на конкретново кривично дело - убиство, бидејќи одредени медиуми секогаш се насочуваат кон настани кои ретко се случуваат, а се сензационално употребливи“, се вели во соопштението.

„Форумот за безбедност“ повика на сочувство кон семејствата на убиените, и побара да нема „шарлатански толкувања на оваа несекојдневна трагедија“.

Повеќе коментари

XS
SM
MD
LG