Линкови за пристапност

Дали работата на СЈО ќе влијае на изборите?


Гласот на Америка ова прашање им го постави на професорот по уставно право Темелко Ристески и адвокатот Игор Кичеец

Влијанието и улогата на Специјалното јавно обвинителство за време на овие избори, може да биде големо и тоа треба да продолжи нормално да ја извршува својата функција, сметаат оние со кои зборуваше Гласот на Америка.

Професорот по уставно право Темелко Ристески, вели дека не треба да претставува изненадување ако СЈО отвори нови случаи за време на изборната кампања:

„Работата на СЈО во случај да дојде, а верувам дека ќе дојде до подигнување на нови обвиненија, ќе има негативно влијание на рејтингот на владејачката гарнитура. Луѓето инволвирани во кривичните дела за кои што постојат основи на сомнение дека се сторени, а на кои укажуваат „бомбите” тие во најголем број лица се од владејачката гарнитура. СЈО треба да си ја врши својата работа без разлика дали неговата работа одговора на интересите на оваа или онаа политичка гарнитура“, вели Ристески.

Професорот Ристевски додава дека СЈО и понатаму ќе биде под силен притисок.

„Што се однесува до притисокот, досега имаше притисок и претпоставувам дека тој може за време на изборната кампања да биде уште поголем. Се она што ќе биде подготвено за обвинение во тој период треба да се процесира. Тоа е независна институција“, вели Ристески.

И адвокатот од Охрид, Игор Кичеец вели дека СЈО со полн капацитет треба да си ја извршува својата работа во овој период.

„Доколку СЈО има некоја агенда, тоа нема време за да го преспие овој период и да не работи, бидејќи неговата работа според сегашниот закон е со ограничен рок на траење. Затоа има временска рамка во која може да ги поднесува постапките и затоа мислам дека треба да работи. Но политички е коректно начинот на известување да биде поинаков. Политичките партии сносат одговорност во однос на ризикот кои луѓе ги ставаат на листите и каква реперкусија би имале постапките како и досега“, вели Кичеец.

Инаку СЈО досега има поднесено обвиненија против функционери на актуелната власт, а работи на неколку случаи како „Тортура“, „Титаник“, „Транспортер“, „ТНТ“, „Тврдина“, „Трезор“, „Топлик“ и „Тендер“.

XS
SM
MD
LG