Линкови за пристапност

Ситуацијата е стабилна, велат Македонците кои живеат во Израел


Луѓе поминуваат покрај израелското знаме, во Тел Авив
Луѓе поминуваат покрај израелското знаме, во Тел Авив

Игор Атанасов, Македонец кој живее во Израел, вели дека ситуацијата таму моментално е стабилна, откако се смирила паниката од денот на нападот на Иран.

„Израелскиот народ, испаничен, по маркети купуваше залихи од храна и вода. Сериозно ја сфатија ситуацијата со Иран, бидејќи Иран е еден од најтешките противници на Израел. Израелците со кои сум јас во комуникација ми го кажаа тоа“, вели Атанасов за Гласот на Америка.

Тој е еден од малкуте Македонци што останале во Израел по 7-ми октомври, кога припадници на Хамас се инфилтрирале од Газа и нападнале цивили. Овие напади консеквентно ја започнаа тековната војна меѓу Израел и Хамас.

Ситуацијата е стабилна, вели Македонец кој живее во Израел
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:08 0:00

Во Израел во моментов престојува и Гоце Стојановски, студент на магистерски студии на тамошен универзитет. Тој живее во Хаифа, град на 70 километри од Либан, што не бил цел на напади, но, вели, „опасноста се чувствувала насекаде“.

„Буквално стануваше збор за едночасовна неизвесност. На секои 5-10 секунди имаше известување дека одредена област е нападната. Ноќта беше долга и неизвесна и непроспиена. Денес ситуацијата е стабилна. Она што можев денес да го забележам е дека има засилен број на прелети на воената авијација на Израел, но се надевам дека состојбата е веќе стабилизирана и дека нема да има дополнителна ескалација на настаните“, ни рече Стојановски.

Тој верува дека безбедноста на луѓето во Израел е на преден план и тоа, вели, му дава сигурност.

„Во неделата, кога беа истрелани повеќе од 300 дронови и проектили на територијата на Израел од страна на Иран..., за овој напад се зборуваше цела измината недела и се очекуваше да се случи веднаш после рамазанските пости... Целокупниот израелски народ, а тука можам и јас се вклучам, бевме подготвен дека ова ќе се случи“.

Атанасов е подолго време во Израел и вели дека луѓето таму се навикнати да живеат во такви услови:

„Засолништата беа отворени, како и секогаш кога има слични ситуации. Запалени светла, некаде вода и храна има. Ние Македонци и Срби останавме во мал број. Скоро сите си отидоа на 7-ми октомври, кога почна војната. Мислам дека ситуацијата нема да ескалира, но не сум сигурен“.

Од македонското Министерство за надворешни работи упатија апел до државјаните на Република Северна Македонија да избегнуваат патувања во Израел, Иран, Либан и Палестинските територии, кои не се неопходни, заради стравување од можно влошување на безбедносните состојби во регионот. Досега само еден Македонец побарал евакуација од Израел.

XS
SM
MD
LG