Линкови за пристапност

Почина Шимон Перес


Поранешниот претседател и премиер на Израел беше премиер двапати, претседател, министер за одбрана и за надворешни работи

Поранешниот претседател и премиер на Израел Шимон Перес почина денес на 93-годишна возраст. Тој преживеал мозочен удар пред неколку недели.

Во неговата долга работна кариера, Перес ја извршуваше речиси секоја висока израелска политичка функција – двапати беше премиер, претседател, министер за одбрана и за надворешни работи, и беше член на израелскиот Парламент 48 години, со што важи за парламентарец со најдолга служба во изрелската историја.

Премиерот Бенџамен Нетанјаху вели дека Перес го посветил животот за независност на израелскиот народ.

„Како човек со визија неговиот поглед беше вперен кон иднината. Како човек за безбедност тој ја зацврсти изреалската моќ на многу начини, некои се` уште непознати. Како човек за мир, тој работеше до последен ден за помирување со соседите, со цел да обезбеди подобра иднина за нашите деца“, рече Нетанјаху.

Американскиот претседател Барак Обама изјави дека никој не направил повеќе од Перес во изградбата на сојузништвото меѓу САД и Израел, опишувајќи го како некој што ги мотивирал луѓето да очекуваат повеќе од самите себе.

„Тој беше воден од визија за човечко достоинство и напредок, и знаеше дека луѓето со добра волја може да придонесат за заеднички напредок. Тој ги зближи младите луѓе од цел свет, знаејќи дека тие ќе не доведат поблизу до идеалите за правда и еднаквост“, изјави Обама.

Перес бил роден во Белорусија во 1923-та година, и се преселил во Израел кога имал 11 години, кога идната еврејска држава била под британска управа.

XS
SM
MD
LG