Линкови за пристапност

Во Македонија зајакнување на мерките против семејното насилство


Од први јануари се зајакнуваат мерките против семејнотото насилство. Со низа измени во постоечкиот Закон за превенција, спречување и заштита од семјно насилство, посебно во казнениот дел, според надлежните, ќе се обезбеди поголема правна и економска заштита на жртвите, побрза реакција на институциите и построги казни за насилниците.

Ако досега, одлуката дали физичкото и психичкото малтретирање во домот ќе го пријави или не беше единствено на жртвата, сега во ова се вклучува и околината. Според новите измени, доколку соседите знаат дека во некое семејство се случува насилство, а не го пријавуваат, ќе добијат парична казна до 2.500 евра. За вклучување на граѓаните во борбата против семејното насилство, промовирана е и мобилна апликација.

„Оној кој што знаел дека има семејно насилство, а не го пријавил, доколку на пример тоа се случува кај комшијата, ќе биде казнет од 2.000 до 2.500 евра“, вели заменик - министерот за труд Ибрахим Ибраими, објаснувајќи дека примарна цел е да се подигне свеста кај граѓаните како да препознаат и пријават семејно насилство.

А, дека со секоја измината година, свеста за пријавување семејно насилство во Македонија е се поголема, говори и статистиката на Националната СОС-линија за жртви на семејно насилство во Организацијата на жени на град Скопје. Нивните бројки покажуваат дека од 1994 година кога имале 94 пријави годишно, годинава, заклучно со јули, имале 676 повици, а најмногу се регистрирани лани, дури 1.215. Од друга страна, овие податоци се и алармантни, бидејќи освен преку нив се гледа напредок во подигнувањето на јавната свест и потребата да се пријави насилството, тие се индикација дека има пораст на сите видови насилство, па покрај физичкото има зголемување на психолошкото, вербалното, економското и сексуалното насилство.

„Во земјава се` уште постојат стравот и стереотипите кои под превезот на традицијата ги прават жените ранливи и зависни од нивните партнери. Ние работиме повеќе од дваесет години на оваа проблематика и радува што има жени кои се охрабруваат јавно со име и презиме да кажат и да го пријават насилството. Од друга страна, реален проблем се капацитетите и недоволниот број на центри кои ќе ги сместат жените кои се жртви на семејно насилство. Особено акцент ставаме и на децата кои исто така често се жртви но и инструмент кој се користи за решавање на брачните проблеми помеѓу сопружниците“, вели кооринаторката на СОС- здружението Нена Смилевска.

Високи 78 проценти од жртвите на семејно насилство се жени, а податоците со кои располагаат и невладините организации и Министерството за труд и социјална работа се дека секоја четврта жена е жртва на некаков тип на семејно насилство.

Пред една година во Скопје започна со работа и Првиот семеен центар, кој откри еден досега не толку познат податок, барем не јавно- една третина од жртвите кај нив се мажи.

„Во првата година од своето работење, семејниот центар понудил услуги на вкупно 127 лица, од кои 79 се жени, а останатите 48 се мажи. До сега Семејниот центар работел со 32 семејства, а индивидуално според категорија имало 52 жртви на семејно насилство, 17 сторители на семејно насилство, 30 малолетни деца, и 28 други членови на семејството кои учествувале во советувањето“, велат во Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување - ХЕРА.

И за ХЕРА и за Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, освен што предвидува високи казни, од ниеден аспект не предвидува подобрена заштитата на жртвите на семејно насилство, особено на жените-жртви, ниту пак предвидува спречување на идни насилства.

„За сторителот на семејно насилство се предвидени казни од 2.500 до 5.000 евра. Изрекувањето на мерките не е условено со развод на брак, па со самото тоа и изрекувањето на волку висока парична казна ќе значи значително намалени финансии за задоволување на егзистенцијалните потреби на семејните членови. Од друга страна, доколку се работи за сторител на семејно насилство кој има високи примања, самото плаќање на казната ќе му овозжможи да го повтори насилството. Пораката која се праќа е: Ако имате пари, слободно тепајте си ги жените“, вели Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, во која членуваат 27 организации кои работат на оваа проблематика.

За нив, најавените измени за казнување на оние кои нема да пријават семејно насилство се нефункционални. „Во општество каде што се уште владеат стереотипите и предрасудите “што ќе речат соседите” и „да не се прави срам на децата“, честопати ги остава морално одговорните граѓани кои го пријавиле насилството кај соседите или роднините како единствени виновници во случајот“, сметаат во Националната мрежа.

„Во ниеден случај државата не смее да си дозволи да ги казнува граѓаните кои нема да пријават семејно насилство, особено не ако земеме во предвид каква била праксата до сега – полицијата излегува на терен со задоцнување од час – час и половина, до тогаш ситуацијата се смирила, и казнет е граѓанинот за лажно пријавување. Дополнително нашето прашање е: Како ќе се докаже дека граѓанинот, комшија, семеен пријател, роднина, бил свесен дека се случува семејно насилство?“, прашуваат од Националната мрежа за борба против семејно насилство.

И за ХЕРА, казнените мерки за оние кои нема да пријават семејно насилство а се свесни дека го има во нивна близина, се погрешни, бидејќи мерките во законот треба да бидат стимулативни, а не репресивни, и според нив, се косат со Истанбулската Конвенција што Македонија ја има потпишано.

„Граѓаните кои доаѓаат во центарот не се само бројки туку се животни приказни кај кои е потребно да се интервенира за да можат да ја надминат состојбата во која се нашле и да го прекинат кругот на насилството“, вели извршниот директор на ХЕРА, Бојан Јовановски.

Она што според нив би била применлива мерка во борбата со семејното насилство е основањето што повеќе советувалишта, не само за надминување на траумите кај жртвите и продолжување со секојдневното живееење, туку и за промена на насилното однесување кај сторителот за да не го повтори истото. Не е доволно, како што велат, само да се отстрани насилникот од домот, без да се понуди решение за справување со неговото агресивно однесување и намалување на ризиците по здравјето и животот на жртвите на семејното насилство.

/лк/

XS
SM
MD
LG