Линкови за пристапност

Шеќеринска до Груевски: Како нелегално влегле еден милион евра во готово од Турција?

  • Борјан Јовановски

Одговори Ставрески: „Пратеничката бара информации за политички случувања во Турција за кои истрагата е во тек и за кои нема доволно проверени информации“.

Пратеничката и потпретседателка на СДСМ Радмила Шеќеринска на денешените пратенички прашања во Собранието го отвори скандалот во Турција поврзан со „Халк банка“, што доведе до оставки во кабинетот на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, а во кој се откри дека над 900 илјади евра нелегално влегле и во Македонија. Таа го праша премиерот Никола Груевски како во Македонија влегле речиси еден милион евра во готово и за кого и во чии цели биле наменети.

„Премиере, како во нашата држава можат да стигнат речиси милион евра во кеш? Пред една година, МВР се пофали дека се фатени на граница 20 илјади евра, но нема вест за овие милион евра. Факт е дека овие милион евра не биле влезени по нормален пат, бидејќи самиот директор на банката одлучил дека не може да ги трансферира во сопстевната банка, туку мора да ги чува дома во кутии, па дека на ваков начин можел да ги префрли во Македонија. Дали МВР проверува какви се чевли влегуваат во нашата држава?“, праша Шеќеринска и од премиерот побара директен одговор и, како што нагласи, без заобиколувања.

И покрај тоа што прашањето беше упатено до него, премиерот не и` одговори на Шеќеринска, туку во името на Владата тоа го стори министерот за финансии Зоран Ставрески.

„Пратеничката бара информации за политички случувања во Турција за кои истрагата е во тек и за кои нема доволно проверени информации. Ако сте регистрирале влез на милион евра, тогаш сте должни тоа да го пријавите. Донации се една работа, а банкарски трансфери се друга работа и се пријавуваат и за суми поголеми од над 10 илјади евра. Бидејќи не кажувате на кој начин е извршена евентуалната трансакција, затоа ја сметам за шпекулација. Нашите органи регистрираат секоја трансакција поголема од износот од 10 илјади евра“, рече Ставрески.

Шеќеринска се повика на турската мега-афера во која повеќемина беа уапсени, а еден од нив, директорот на „Халк банка“, Сулејман Аслан, во изјавата дадена во предистражната постапка рекол дека еден од 4,5 милиони евра кои беа пронајдени во неговиот дом во кутии за чевли бил наменет за Македонија, а дека досега успеал да прати 950.000 евра на, како што вели, некаков начин во земјава.
XS
SM
MD
LG