Линкови за пристапност

Изборите тема на седмата „бомба“ на СДСМ

  • Соња Трајковска

Зоран Заев: „злоупотреба на Груевски при изборните процеси и грабежите во изборните циклуси во Македонија, незапаметени во светски рамки“.

Зоран Заев: „злоупотреба на Груевски при изборните процеси и грабежите во изборните циклуси во Македонија, незапаметени во светски рамки“.

„Оваа група на власт ги мести и ги краде“, тврди водачот на партијата Заев. ВМРО-ДПМНЕ возврати дека тој емитува “креиран материјал што го добил во соработка со странска разузнавачка служба“

„Оваа група на власт ги мести и ги краде изборите“. Вака водачот на опозициската СДСМ Зоран Заев ја најави новата, седма по ред, таканаречена бомба против актуелната власт, притоа презентирајќи аудио-материјали и транскрипти коишто укажуваат на наводен фалсификат на изборните процеси последниве неколку години, но најмногу за локалните избори во 2013-та и тоа во општина Центар.

„Од денеска почнуваме со злоупотреба на Груевски при изборните процеси и грабежите во изборните циклуси во Македонија, незапаметени во светски рамки. Ќе обелодениме најбезобразни притисоци врз земјоделците, администрацијата, социјално загрозените. Ќе видите како ги злоупотребувале пензионерите, како масовно ги злоупотребувале институциите од позиција на власт и ќе станете сведоци за нечовечките притисоци што одат до одвратни закани за завршување на семејства во ендек, рече Заев

Заев на денешната прес-конференција претстави осум папки и аудио-материјали, чиишто делови беа објавени на прес конференцијата, а во целост се поставени на Интернет-страницата на опозициската партија, на коишто тој тврди дека се гласовите на премиерот Никола Груевски и на министрите Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, на шефот на Кабинетот на Премиерот, Мартин Протуѓер и на други владини и партиски претставници.

Првата група телефонски разговори, наводно меѓу министрите Јанкулоска и Јанакиески, како што рече Заев, потврдуваат дека на изборите имало лажни гласачи, бидејќи, гласовите на снимките говорат „дека во станови од по 40 квадрати се сместени по 50 луѓе од Пустец на кои МВР им има издадено лични карти, дека во скопската општина Гази Баба, едни исти луѓе, донесени од Свети Николе, по 10 – 15 во стан, се водат на повеќе адреси во општината и гласаат по неколку пати, дека во село со мал број гласачи, ставиле по 42-ца, 44-ца луѓе во една куќа, и потсмев со луѓето од Пустец кои ги донеле да гласаат во Скопје“.

Втората група разговори, во коишто наводно е вклучен и првиот човек на Управата за јавни приходи, гласовите говорат за казни од илјадници евра на фирми, такси-компании и превозници, како притисок за „непослушните“.

„...Како се инструирани превозници на патници и стока, со најдрско повикување на заеднички состанок... како инспекциите на УЈП под директива на Горан Трајковски се ставени во функција на притисоци со изречени казни за дуќани од по неколку илјади евра... како лично Миле Јанакиески дава налог за одземање лиценца на такси-компанија, како и за инспекциите што се испратени по налог во Струмица да притискаат и да се закануваат“, рече Заев, коментирајќи ги и аудио-материјалите коишто говорат за наводни притисоци врз социјално загрозените семејства, земјоделците, посебно оние коишто добивале субвенции, врз вработени во администрацијата, наставници во училиштата во општина Центар, од коишто наводно се бара да донесат докази дека гласале за власта, но и закани „дека ќе летаат од работа“ сите коишто покажувале симпатии кон опозицијата.

Дел од аудио-материјалите коишто ги презентира Заев наводно ја покажува и спрегата на власта со неколку медиуми, со барање „да се пушти емисијата со лош тон, со пречки“, каде сопственик на една телевизија дури се заканува дека „и струјата ќе ја исклучи во телевизијата“, за да спречи емитување на авторска емисија, којашто наводно не е по волја на власта.

На триесет и осумте аудио-снимки емитувани денеска може да се слушне изобилство на навреди, на пример кон Ромите, потоа пцости, како и физички закани, на пример кон претседателот на Фудбалската федерација и неговото семејство.

Заев најави дека „разобличувањето на изборниот фалсификат ќе оди во етапи“, а следниот и како што рече, главен доказ за изборната кражба, опозицијата ќе го презентира во вторник во Универзалната сала.

Одговарајќи на новинарско прашање, лидерот на СДСМ кажа дека од почетокот на објавувањето на материјалите коишто ја компромитираат актуелната власт, досега никој не му се заканил ниту нему, ниту на некого од партиското раководство.

Доцна попладне, на прес-конференцијата на Заев реагираше владејачката ВМРО- ДПМНЕ.

„Денес Зоран Заев продолжи со емитување на креираниот материјал што го добил во соработка со странска разузнавачка служба. Иако постојат признанија дека нелегално се вршело прислушкувањето, за што едно лице веќе е осудено на казна затвор, Заев и неговите поддржувачи и понатаму се обидуваат да ја изманипулираат јавноста дека креираните материјали ги добиле од патриоти, а не од измамници и соработници на странска разузнавачка служба, кои во целост ја признанаа вината“, се вели во партиското соопштение.

ВМРО тврди дека „Заев сака да создаде слика дека некој му ги украл изборите во 2014 година“, и дека „ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата имаше јасна, чиста и убедлива победа на сите претходни избори со огромна поддршка на народот, пред се` заради остварените ветувања, остварените дела и неуморното работење, поле на кое СДСМ е инфериорен и затоа се обидува со конструкции и манипулации да создаде поинаква перцепција во земјата од реалната".

XS
SM
MD
LG