Линкови за пристапност

Владино изразување, наспроти индивидуалното


Знамето може да биде и добар бизнис: налепници со Конфедеративнити знаме во продавница во Литл Рок, Арканзас

Знамето може да биде и добар бизнис: налепници со Конфедеративнити знаме во продавница во Литл Рок, Арканзас

Неодамнешна одлука на Врховниот суд за регистарските таблички во Тексас дополнително ја разгоре дебатата за конфедеративното знаме

По неодамнешниот масакар во историска афромериканска црква во Јужна Каролина, зачестија повиците за отстранување на конфедеративното знаме пред објекти на власта на ниво на сојузни држави. Медиумите објавија фотографии на осомничениот напаѓач, на коишто тој го држи знамето. Поборниците за отстранување на знамето тврдат дека тоа претставува симбол на ропство и имплицира расизам.

По случајност, еден ден по крвавиот напад во Јужна Каролина, Врховниот суд на САД одлучи по случај каде што спорна точка беше токму ова знаме.

Бри Њусом од Шарлот, Северна Каролина, се обидува да го симне знамето од јарболот на Споменикот на Силите на Конфедерацијата пред Државниот дом на Јужна Каролина во градот Колумбија

Бри Њусом од Шарлот, Северна Каролина, се обидува да го симне знамето од јарболот на Споменикот на Силите на Конфедерацијата пред Државниот дом на Јужна Каролина во градот Колумбија

Во „Вокер наспроти Тексашкиот оддел на Синови на конфедеративните ветерани“, Судот пресече дека пораките на стилизираните регистарски таблички на автомобилите се во доменот на владино изразување, а не на индивидуалното право на изразување или слобода на говор, заштитено со Уставот. Затоа, одлучи Судот, Тексас, а не приватните граѓани е инстанцата којашто одлучува како ќе изгледаат регистарските таблички издадени од страна на сојузната држава.

Синови на конфедеративните ветерани е организација составена од потомци на војници на Силите на Конфедерацијата во Граѓанската војна во САД, основана пред речиси 120 години. Тексашкиот оддел на организацијата пред пет години побара да биде издадена специјална регистерска табличка, со конфедеративно знаме на неа. Откако сојузната држава го одби барањето, Одделот поднесе судска жалба, тврдејќи дека тоа претставува прекршување на правото на слобода на говор од Првиот амандман.

Џонатан Мичел, поранешен адвокат од Тексас, кој ја застапуваше сојузната држава во случајот пред Врховниот суд, кажа дека додека организациите како Синови на конфедеративни ветерани се залагаат да ја заштитат својата слобода на говор, тие истовремено задреле во правата на сојузната држава.

Дизајнот на регистарските таблички којшто го предложи Тексашкиот оддел на организацијата Синови на конфедеративните ветерани

Дизајнот на регистарските таблички којшто го предложи Тексашкиот оддел на организацијата Синови на конфедеративните ветерани

„Оваа организација има право да го стави конфедеративното знаме на налепница за автомобил, може дури и да го бојадиса автомобилот за да наликува на знамето, може со својот автомобил да стори што сака, но не може да ја натера сојузната држава Тексас да го пропагира овој симбол со тоа што ќе го стави на регистарски таблички издадени во нејзино име“, изјави Мичел.

Toj вели и дека Врховниот суд практично им го дал правото за одлучување за вакви прашања на сојузните држави „бидејќи тоа е политичка одлука на секоја сојузна држава одделно, и секоја држава ќе биде различна во однос на тоа што мислат луѓето во неа за конфедеративното знаме и како треба да се употреби“.

Сепак, Р. Џејмс Џорџ Џуниор, адвокатот којшто ги застапуваше Синовите на конфедеративните ветерани, подвлече дека е важно, како општество, да се заштити слободата на говор, вклучувајќи го и она што се смета за „непопуларен говор“.

Конфедеративното знаме беше симбол на Конфедеративните Држави на Америка - јужните држави коишто се отцепија од САД во 1861-та. Тие водеа граѓанска војна за независност од федералната влада и за правото да го зачуваат ропството. Со Прокламацијата за еманципација на претседателот Абрахам Линколн во септември 1862-та, беше прогласена слобода за сите робови во државите на Конфедерацијата. Овие држави се предадоа во 1865-та, а со 13-от амандман на Уставот на САД истата година, ропството и официјално беше укинато.

XS
SM
MD
LG