Линкови за пристапност

Поддржувачите велат дека со ова се помага на родители со наследни болести, додека критичарите посочуваат на опасноста за креирање „дизајнирани бебиња“.

Британија го одобри планот со кој им дозволува на лекарите да креираат бебиња користејќи ДНК од три лица. Со ова Британија станува првата земја која ја легализирала оваа контроверзна техника.

Третманот се користи за отстранување на митохондриите кои всушност произведуваат енергија во секоја ќелија од јајцеклетките кај потенцијалните мајки. Оштетените митохондрии може да предизвикаат кај бебето фатални срцеви заболувања, мозочни нарушувања како и други сериозни здравствени проблеми.

Научниците го земаат ДНК од јадрото на јајцеклетките на мајката и истото го ставаат во јајцеклетката на донаторот од која е отстранета ДНК од јадрото. Бебето што ќе биде креирано на ваков начин ќе има ДНК од јадрото на неговите родители но со митохондрии на ДНК на донаторот.

Сели Чешир, раководителката на британската организација за фертилизација и ембриологија (HFEA) во четвртокот го одобри и рече дека „животот се менува“ за оние семејства кои страдаат од наследни болести.

Критичарите за овој третман велат дека може да се создаде нов пазар за генетски модифицирани бебиња.

„Ваквата одлука ја отвора вратата во светот за дизајнирање бебиња“, рече Дејвид Кинг од групата активисти за кревање на свеста за човечка генетика.

Новата регулатива доаѓа откако Велика Британија минатата година го изгласа законот за одобрување на вакви и слични третмани.

Оваа техника беше тестирана од многу истражувачи низ целиот свет, но регулаторните промени во Британија ја направија оваа земја да биде првата која ќе им даде шанса на лекарите да го применат овој третман директно врз самите пациенти.

Со новата одлука на британската организација, првото креирано бебе од тројца родители се очекува да биде родено во Велика Британија, следната година.

XS
SM
MD
LG