Линкови за пристапност

Сашо Цветковски, МАНУ: Мора да повлечеме многу икони од црквите, не се безбедни


Ние веќе ќе мораме да размислуваме за повлекување голем број икони, од црквите каде што едноставно тие немаат веќе никаква сигурност. Сашо Цветковски - МАНУ
Ние веќе ќе мораме да размислуваме за повлекување голем број икони, од црквите каде што едноставно тие немаат веќе никаква сигурност. Сашо Цветковски - МАНУ

Во ситуација кога голем дел од селата низ државата се празни и нема кој да се грижи постојано за тамошните цркви, професорот Цветковски, кој е еден од најзаслужните за враќањето на македонските икони од Албанија, предлага построга мерка за заштита на иконите од кражби и оштетувања

Околу 30.000 икони има низ македонските цркви и манастири и значителен дел нив сè уште се во опасност да бидат украдени или оштетени. Тоа го укажува професорот Сашо Цветковски од Истражувачкиот центар за културно наследство при МАНУ, во разговор за Гласот на Америка.

„Тоа е неоспорно, дека ние веќе ќе мораме да размислуваме за повлекување голем број икони, од црквите каде што едноставно тие немаат веќе никаква сигурност. Селата се иселени, нема присуство на луѓе нема кој да се грижи“, вели професорот.

Цветковски е дописен член на Македонската академија и е еден од најзаслужните за препознавањето и неодамнешното враќање на 20 македонски икони од Албанија.

За жал, многу икони се однесоа од Македонија, некаде над 600 икони

„Помеѓу 2008 и 2012/2013 година се случи еден бран на кражби во струшкиот, дебарскиот, малореканскиот дел, па и деловите на Преспа и дел од Пелагонија, настрадаа тогаш. За жал, многу икони се однесоа од Македонија, некаде над 600 икони“, раскажува Цветковски.

Случајно препознаени македонските икони во Албанија

Препознавањето било случајно, откако албанската полиција ја разбила мрежата за криумчарење на културното наследство.

„При еден телевизиски прилог, каде што при посета на премиерот на Албанија, Еди Рама, на запленетите, и увид во запленетите предмети, што беа тогаш изложени во нивната национална галерија, јас воочив 4-5 икони. Во сите кадри како се појавуваше премиерот Рама, така и влегуваше по некоја наша икона. Тоа за мене беше фрапантно“, се присетува Цветковски.

Олеснителна околност за идентификацијата на иконите била евиденцијата и фотодокументацијата што домашни конзерватори и истражувачи ја правеле низ годините. Такви евиденции низ црквите и манастирите правел и самиот Цветковски.

Никој не очекуваше дека ние имаме работа со една извонредно организирана криминална група

„Изненадување, и за нив и за нас, бидејќи никој не очекуваше дека ние имаме работа со една извонредно организирана криминална група, која успеала со години и години да работи, и да прибере таков енормен број предмети, артефакти, икони, делови од применета уметност..“, вели Цветковски.

Откриени уште 35 украдени македонски икони, чекаат враќање

Во процесот на препознавање, биле откриени уште 35 украдени македонски икони. За нив исто така е испратено барање за враќање во земјава.

„Најголем дел од тие икони се од малореканските цркви. Тука има 21 икона од црквата од Тресонче. Целиот празничен ред на иконостасот е од црквата во Тресонче. Во Тресонче имаме уште една икона. Овие 21 икона се од Дичо Зограф. Другата икона е од Серафим Зограф, од 1870 година, од владичкиот трон“, посочува професорот.

Сепак, тоа што го загрижува е понатамошната безбедност на иконите.

Најдобро би било да се размислува за едно централно депо на икони, што не мора да биде овде во Скопје

„Самото сознание дека голем дел од тие цркви и тие села се празни, во овие периоди на годината, сето тоа придонесуваше ние секогаш да бидеме внимателни и секогаш да укажуваме дека мора да се создаде еден посериозен систем на заштита на тие споменици“, вели Цветковски.

Посебно депо за вредните икони

Тој предлага и формирање посебен простор за чување на овие движни културни добра.

„Најдобро би било да се размислува за едно централно депо на икони, што не мора да биде овде во Скопје. Не мора да биде при некоја институција во Скопје. Имаме институции, места низ Македонија. Имаме објекти коишто можат да се адаптираат, и да послужат за таа намена“, предлага професорот.

Враќање на украдени икони од македонски цркви
Враќање на украдени икони од македонски цркви

Додава дека уште голем број икони низ државата сè уште не се евидентирани како културно наследство.

Имаме околу 30.000 икони

„Ние имаме околу 30.000 икони. Имаме околу 2.800 цркви, од коишто 1.200 цркви и повеќе, се само од периодот на 19. век. Тоа е едно големо културно наследство. Претходните генерации можеби не успеале секаде да пристигнат“, вели Цветковски.

Илјадници од овие икони забрзано стареат и им се потребни интервенции за заштита.

Сашо Цветковски: Ние имаме околу 30.000 икони. Имаме околу 2.800 цркви, од коишто 1.200 цркви и повеќе, се само од периодот на 19. век.
Сашо Цветковски: Ние имаме околу 30.000 икони. Имаме околу 2.800 цркви, од коишто 1.200 цркви и повеќе, се само од периодот на 19. век.

„Опсервиравме дека 80% од иконите со кои располагаме се дојдени во состојба на потреба од превентивна заштита“, вели професорот.

Недостасува млад кадар за заштита на културното наследство

Дополнителен предизвик е немањето млад кадар кој би ја продолжил децениската традиција на македонското конзерваторство.

„Капацитетот и професионалноста, способноста за справување со вакви големи и сериозни проекти, некако се доведува во прашање, бидејќи континуитетот не е запазен. Сега веќе ние ги немаме старите конзерватори. Полека, генерациски, заминуваат во пензија. Ние тоа сега и тоа како го чувствуваме на терен“, укажува Цветковски.

Дваесетте икони што беа вратени од Албанија, засега ќе останат во републичкиот музеј. Нивното прво прикажување во јавноста се очекува да се случи за неколку месеци.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG