Линкови за пристапност

Само во Америка: Дедо Мраз во јуни


Божиќ е цела година во градот со име Дедо Мраз, во Индијана

Јуни е, и жешко, на средниот запад на САД, и како што знаете, Божиќ е за околу шест месеци од сега. Но, во Санта Клас, гратче во Индијана, чие име во превод би било Дедо Мраз, со околу две илјади жители, и со само еден семафор, насекаде има божиќни светилки и украси.

Ова е еден вид летна резиденција на Свети Никола, заштитникот на празникот. Не се работи само за една тематска продавница каде ќе најдете божиќни украси, или пошта која става печати на пратките што се чуваат како сувенири, од типот на Северен Пол, во Аљаска.

Дедо Мраз, во Индијана, е комплетен град, со дедомразовска полициска станица, и три убави езера: Свето Езеро, Божиќно Езеро, Езеро на Коледе.

Органата во градското собрание свири божиќна музика 12 месеци во годината, а голем број од жителите ги оставаат божиќните украси во и околу домовите исто така преку цела година. Сепак, повеќе внатре, зашто големите дождови и грмотевици со молњи во овој дел од годината често ги соборуваат поставките пред куќите.

Замислете секој ден во годината да влегувате и излегувате низ порти украсени со божиќна декорација, елка, воз, па дури и со колачи оставени за помошниците на Дедо Мраз! Во Санта Клас, Индијана, луѓето тоа го прават цело време.

Местото го добило името пред 160 години. Приказната вели дека градските татковци се сретнале во црква, на Божиќ, обидувајќи се му најдат име на градот. Заѕвониле камбаните и дете извикало „Дедо Мраз!“. Сите се насмеале и брзо го изгласале името – Дедо Мраз.

Денеска во градот може да најдете маици со натпис „Верувам во Дедо Мраз“, што, се разбира, има двојно значење.

Локални работи што привлекуваат луѓе во градот се „Замок од слатки на Дедо Мраз“, Забавен центар на Снешко, Штали на Дедо Мраз, и забавен парк наречен „Празничен свет“. Не е голем како Дизниленд, но има доволно забава за децата.

Иронијата е што „Празничниот свет“ е затворен во зима.
XS
SM
MD
LG