Линкови за пристапност

Сенди го истури бесот, најмалку 15 мртви


Претседателот Обама одобри федерални средства за помош во сојузната држава Њујорк.

Американскиот претседател Барак Обама прогласи “состојба на главна катастрофа“ во сојузната држава Њујорк, само неколку часа откако суперневремето Сенди мина низ Менхетен, поплавувајќи ги улиците во пониските делови и прекинувајќи ја електричната енергија во поголемиот дел на градот Њујорк. Одлуката на претседателот овозможува употреба на фондовите на федералната влада за помош на погодените подрачја.

Најмалку 15 лица загинаа, поголемиот дел во сообраќајни несреќи и паднати дрвја како резултат на невремето што донесе поројни дождови, ветришта и поплави во источниот брег на САД - најгусто населената област во земјата.

Сенди допре на копно доцна понеделникот јужно од Њујорк со калибар на ураган. Иако губи на сила додека се движи над копното, невремето се` уште е со ветришта од околу 100 километри на час. Националната метеоролошка управа соопшти дека Сенди до среда треба да допре до Канада.

Плимата во Менхетен достигна четири метри, со што овој дел на Њујорк практично замре. Најмалку 1 милион во најнаселениот град останаа без електрична енергија, а во темница се над 6 милиони домови и деловни објекти долж источниот брег.

Нуклеарна централа во Њу Џерси прогласи вонредна состојба откако водата достигнала високо ниво. Властите сепак велат дека нема опасност затоа што централата потоа била исклучена.

Поплавени се тунелите во Њујорк, исто како и местото каде некогаш стоеше Светскиот трговски центар, а каде сега се изведуваат градежни работи. Дел од населението мораше да биде евакуирано. Целосно паднаа фасадата и ѕидовите од една страна на зграда во населбата Челзи, изложувајќи ги становите на невремето. Поплавата ги престори во чамци автомобилите во ниските делови на градот.

Метрото и агенциите на федералната влада во Вашингтон не отворија за работа втор ден по ред; бројни откажани летови на аеродромите. Понаисток од брегот, зимско невреме што се соедини со Сенди според прогнозите може да донесе и до еден метар снежна покривка. Сенди беше суперневреме во вистинската смисла на зборот, протегајќи се на површина од 1,500 километри.

Во девет сојузни држави и главниот град Вашингтон е прогласена вонредна состојба. Пентагон активирал 2.000 припадници на Националната гарда, да помогнат во отстранување на последиците, а во состојба на готовност се уште 60.000.
XS
SM
MD
LG