Линкови за пристапност

САД го поканија новиот кинески министер за надворешни работи во Вашингтон


САД официјално го поканија новиот министер за надворешни работи на Кина Ванг Ји во Вашингтон, изјави денес портпаролот на Стејт департментот Метју Милер, откако претходникот на Ванг ненадејно беше сменет од неговата функција од страна на Пекинг.

Кина минатата недела повторно го именуваше дипломатот-ветеран Ванг за министер за надворешни работи, заменувајќи го поранешниот министер Чјин Ган, кој не е виден повеќе од месец - мистериозно отсуство по само седум месеци на работа што покрена прашања за транспарентноста.

Министерството само соопшти дека Чјин бил надвор од работа поради неодредени здравствени причини.

Поканата беше упатена во понеделникот за време на состанокот во Стејт департментот меѓу американскиот помошник секретар за источна Азија и Пацифик Даниел Критенбринк и Јанг Тао, генерален директор на Одделот за северноамерикански и океански прашања во кинеското Министерство за надворешни работи, рече Милер.

„На состанокот вчера, ја упативме поканата што претходно беше упатена до министерот за надворешни работи Чјин Ганг и јасно ставивме до знаење дека поканата навистина е пренесена“, рече Милер.

Тој не кажа дали кинеската страна ја прифатила поканата, но додаде дека тоа е очекување на Вашингтон.

„Секако очекуваме дека тоа е нешто што тие би го прифатиле и е патување што очекуваме да се случи, но сè уште не сме закажале датум“, рече Милер.

Кинеската амбасада во Вашингтон не одговори веднаш на барањето за коментар кога беше прашана за поканата.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен се сретна со Чјин на 18 јуни, на прва посета на американскиот врвен дипломат на Кина во последните пет години.

Стејт департментот на САД рече дека тогаш одржале „искрени, суштински и конструктивни“ разговори, а Блинкен го покани Чјин во Вашингтон да продолжи со дискусиите.

57-годишниот Чјин, поранешен помошник на претседателот Шји Џјинпинг, го презеде министерството во декември, но не е виден во јавноста од 25 јуни кога се сретна со дипломати во Пекинг.

Краткото објаснување на Министерството за надворешни работи дека тоа се должи на здравствени причини, подоцна беше отстрането од официјалните записници.

Наследникот на Чјин, 69-годишниот Ванг, исто така, беше негов претходник, држејќи ја функцијата од 2013 до 2022 година, кога односите со САД паднаа на најниско ниво досега.

Блинкен потоа се сретна со Ванг на маргините на регионалниот состанок во Џакарта во отсуство на Чјин.

Извор: Ројтерс

XS
SM
MD
LG