Линкови за пристапност

Колку паметни луѓе ја саботираат сопствената среќа?


Нова книга на професор по маркетинг се обидува да ја дефинира среќата и патот да се дојде до неа

Можеби звучи помалку чудно професор по маркетинг да предава курс по среќа, но Раџ Рагунатан од Универзитетот на Тексас, вели дека сето ова има вистинска смисла. Часовите почнал да ги држи пред седум години и оттогаш го привлекол интересот кај илјадници студенти, како во Остин, Тексас, така и во Школата за бизнис во Хајдеабад, Индија. Она што го научил и искусил го употребил во неговата нова книга „Ако сте толку паметни, зошто не сте среќни?“.

„Како професор, чувствував дека е моја должност да ги образувам студентите и да им дадам вештини и насоки за да водат среќен, исполнет живот за да можат успехот во кариерата да го променат во животен успех“.

Среќата, вели тој, е позитивна емоција.

„Тоа е вид на емоција којашто сакате да ја искусите, но надвор од тоа, мошне е тешко да се одреди што е всушност среќа. За различни луѓе може да значи различни нешта. Среќата не се сведува само на тоа да се чувствувате убаво. Воедно, мошне е корисно да се чувствувате среќни - ќе живеете подолго, ќе бидете попродуктивни, поколегијални, ќе бидете подобар партнер, подобар родител“.

Честопати, додава професорот, луѓето само посакуваат да бидат среќни, но ја губат од вид среќата, како важен дел од нивните цели.

„Сите ние имаме три важни животни цели. Првата е да бидеме добри во тоа што го правиме. Втората цел е да се има чувство на припаѓање – длабока, интимна врска со најмалку едно лице на овој свет. Третата цел е чувство на автономија или контрола врз сопствениот живот“.

Но во книгата авторот вели дека на патот на остварување на овие цели се јавуваат препреки коишто ги нарекува „гревови на среќата“. Според него, ако сте посреќни и попаметни сте, тогаш имате поголеми шанси дека ќе ги направите овие гревови – како потрага по супериорност, желба да се биде во центар на внимание, желба за контрола на другите и постигнатите резултати, при што на среќата не и` се дава голем приоритет.

„Нашето однесување е показател дека не и` даваме предност на среќата. Наместо тоа приоритет имаат други нешта, како вредноста на парите, славата, статусот, убавината и слично“.

Исполнувајќи ги овие цели, многумина се фокусираат на однесување за коешто веруваат дека ќе ги направи среќни, отколку на самата среќа.

Рагунатан воедно зборува и за разликата меѓу двата начина на којшто се гледа на светот, што може да влијае колку сме среќни: недостаток на верување или начин на размислување и негово изобилство.

„При изобилството на верувањето, имате чувство дека Вашиот живот е добар, дека веќе имате се` што Ви е потребно, за да бидете среќни. Спротивно од тоа, е мислењето дека немате доволно, при што се фокусирате на самите себе и станувате алчни“.

За да го свртиме вниманието кон изобилство на верување, елиминирајќи ги таканаречените „гревови на среќата“, професорот предлага седум вежби.

„Првата е да и` дадеме приоритет на среќата со тоа што ќе се потсетуваме себеси, особено пред да донесеме некоја важна одлука, дека среќата е нашата цел во животот. Втората вежба е изразување благодарност на некој којшто има позитивно влијание врз Вашиот живот и Вашата среќа. Третата - се однесува на креативниот алтруизам или правење добро дело. Ние навистина се чувствуваме прекрасно кога правиме нешто добро за другите. Четвртата вежба е имање на здрав начин на живот, непречен сон, здрав начин на исхрана, физичка активност. Петата вежба е прошка. На крајот излегува дека кога лутината ја држиме во себе, повеќе си штетиме самите себеси, отколку на лицето на кого сме му лути. Шестата вежба е верувањето дека што и да се случи, дури и ако е нешто негативно, за Вас ќе резултира во нешто позитивно. И седмата и последна вежба е живеење во сегашноста, практикување да се ужива во дадениот момент“.

Правете ги овие вежби, вели авторот Раџ Рагунатан, и ќе го добиете одговорот на прашањето во насловот на неговата книга - „Ако сте толку паметни, зошто не сте среќни?“. Едноставно ќе биде посреќни, порачува тој.

XS
SM
MD
LG