Линкови за пристапност

Турција се справува со тероризмот и руските санкции


И онака лошата економска слика, се чини се влошува

Според експертите, туризмот во Турција претрпел голем удар по неодамнешниот самоубиствен бомбашки напад од страна на Исламската држава во Истамбул, каде во момнетов главно имало германски туристи. Притоа загинаа 10 лица. На туристите од Германија приближно отпаѓаат 15 проценти од туризмот на Турција, што за земјата значи приход од 34 милијарди долари.

Најновиот напад се случи во услови кога турската економија почна да ги чувствува последиците од руските санкции, а коишто Москва ги воведе по нарушените дипломатски односи со Анкара околу турското соборување на рускиот бомбардер долж турско-сириската граница минатиот ноември.

Санкциите главно се наменети на туристичкиот, земјоделски и банкарски сектор на Турција.

За време на неодамнешната посета на Вашингтон, турскиот вице-премиер Мехмет Симсек, изјави дека Турција во 2016-та ќе загуби трговија вредна 3,1 милијарда долари.

Русија го забрани увозот на турско овошје и зеленчук, живина, дури и сол.

„Русија увезува 60 проценти од нашето овошје и зеленчук“, вели Бурхан Ер, претседател на Турската Асоцијација на продавачи на овошје и зеленчук. „Русија е голем пазар за нас“.

Влијанието на санкциите значително се чувствува во туристичкиот кварт Лалели во Истамбул, каде главно се нудат кожни производи, облека и сувенири.

„Деловните врски со Русија веќе се забавени“, вели Зафер Сојлу, бизнисмен од Истамбул. „Соборувањето на рускиот авион придонесе за тоа. Бројни продавници во Лалели мораа да стават катанец на вратите.

Губитокот на руските туристи може да ја чини Турција преку 3 милијарди долари, велат експертите. Само во 2014-та, Турција ја посетиле 4,5 милиони руски туристи.

Руската забрана на увезени прехрамбени производи од Турција, ќе значи финансиска загуба од околу 764 милиони долари, соопшти турското Министерство за одбрана.

Москва го суспендираше и почетокот на изградбата на новот гасовод „Турски тек“, преку кој во Турција требаше да пристигнува природен гас.

Ајдин Сезер, поранешен турски трговски претставник во Москва, за Гласот на Америка изјави дека руските санкции годишно ќе ја чинат Турција преку 12 милијарди долари, што е четири пати повеќе од проценките на турската Влада.

Според владини информации, турскиот извоз за Русија во 2015-та изнесувал речиси 4 милијарди долари. Главно, се извезува овошје, зеленчук, текстилни производи и автомобили.

Турскиот увоз од Русија во 2014-та изнесуваше преку 25 милијарди долари и нешто помалку од 21 милијарда во 2015-та. На увозот на нафта и природен гас во 2014-та отпаѓаа преку 16 милијарди долари. На врвот на листата се и железото, челикот и друг вид на метал.

Турција и Русија до одреден степен веќе подолго време се во индиректна војна во Сирија, земајќи ја предвид руската поддршка на сирискиот претседател Башар Ал Асад и турската поддршка на сунитските противници на политиката на Асад. Од неодамна, Турција ја зголеми соработката со меѓународната коалиција против Исламската држава во Сирија.

XS
SM
MD
LG