Линкови за пристапност

Русија го потврди притворот на новинарот Гершкович


Московскиот суд во четвртокот ја потврди одлуката за задржување во притвор до 30 јануари на американскиот новинар Еван Гершкович, уапсен во Русија на почетокот на оваа година под обвинение за шпионажа.

32-годишниот дописник на Волстрит Журнал од Москва, неговиот работодавец и американската влада ги отфрлија обвинувањата за шпионирање.

„Еван Гершкович ќе остане во притвор до 30 јануари 2024 година“, се вели во соопштението на московскиот градски суд на социјалните мрежи, отфрлајќи ја жалбата поднесена кон крајот на минатиот месец.

На видеото објавено од судот се гледа дека Гершкович, кој претходно работел за АФП, стои во кафез за обвинетите за време на сослушувањето во четвртокот, насмеан и облечен во џемпер во темна боја.

Гершкович беше уапсен за време на патувањето за известување на крајот на март во градот Екатеринбург на Урал, со што стана првиот западен известувач кој е приведен под обвинение за шпионирање во Русија од советската ера.

Доколку биде прогласен за виновен, му се заканува затворска казна до 20 години.

Русија овој месец, исто така, покрена нови обвиненија против американско-руската двојна државјанка Алсу Курмашева, уапсена во централниот град Казан во октомври и обвинета дека не се регистрирала како „странски агент“.

Нејзиниот работодавец Радио Слободна Европа/Слобода (РСЕ/РЛ) оваа недела ги осуди новите обвиненија поднесени против неа по извештаите дека таа исто така е обвинета за кршење на правилата против критиките за војната во Украина.

Извор: Агенција Франс прес

XS
SM
MD
LG