Линкови за пристапност

Златна награда за далечинско учење

  • Јулија Велковска

Добитничката Румена Бужаровска и Џени Џоплинг од Американското здружение што го доделува признанието говорат за иновативниот пристап.

​Д-р Румена Бужаровска, професорка по американска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, од неодамна е и добитничка на престижни признание од САД. Американското здружение за далечинска настава со седиште во Бостон, сојузната држава Масачусетс, и` додели златна награда за извонредни достигнувања во далечинска настава по предметот регионални идентитети на Балканот и во САД.

Наградата ја дели со Стивен Фолк, вонреден професор по историја на Универзитетот Отава во сојузната држава Канзас, со кого соработувала на проектот. Наставата се одвивала меѓу студенти од Катедрата за англиски јазик во Скопје и студенти на американскиот професор.

Наградите на Здружението се доделуваат во повеќе категории, и тоа на организации, компании и поединци, за достигнувања во онлајн, видеоконференциско, сателитско и комбинирано учење.

Соработката со Фолк започнала спонтано, вели Бужаровска.

„Студентите беа споени на онлајн-платформа и всушност учеа едни од други. Тоа го направи овој курс различен од другите. Не беше апстрактна целата идеја во однос на идентитетот или културата на државите на Балканот, особено кога станува збор за Македонија, а и за идентитетот и културата на Америка, бидејќи наученото потоа го споделуваа од прва рака, со свои искуства“, раскажува македонската професорка.

Иако „електронската училница“ била нов концепт за македонските студенти и имало извесни предредизвици, Бужаровска смета дека резултатот е видив токму во одлуката Катедрата за англиски јазик и книжевност од наредната година да отвори Модул по американски студии.

„Од обостран интерес е соработката да продолжи. Се скршија бројни предрасуди од обете страни. Од македонска страна спрема Америка и обратно, оттаму спрема Европа или конкретно Балканот“, вели таа.

Џени Џоплинг претседава со Американското здружение за далечинска настава говори за наградената македонско-американска соработка: „Беше преубаво замислена и организирана од обајцата професори. Студентите од Македонија и САД беа водени низ платформа што придонесе за нивна комуникација и интеракција. Учеа за културата на обете земји, со мошне интересни ресурси за актуелните и историските збиднувања, што се` заедно резултираше во една фасцинантна конверзација“.

Соработката со Македонија ја илустрира мисијата на Здружението да допира преку националните граници, токму со помош на современата комуникациска технологија.
XS
SM
MD
LG