Линкови за пристапност

Родман повторно во Северна Кореја


Денис Родман во Пекинг, пред заминувањето за Северна Кореја

Денис Родман во Пекинг, пред заминувањето за Северна Кореја

Најави дека нема да покрене политички прашања.

Поранешниот кошаркар во НБА Денис Родман е во трета посета на Северна Кореја последниве неколку месеци. Тој најави дека на средбата со водачот на земјата, Ким Џонг Ан, нема да покрене политички прашања.

Посетата доаѓа во напнато време во Пјонгјанг, на само неколку дена по ненадејното погубување на вујкото на Ким, неговиот ментор и втор во командната хиерархија, откако беше обвинет дека сакал да направи преврат.

Во изјава за Ројтерс од хотел во Пекинг, пред да замине за Пјонгјанг, Родман рече дека неговата посета не е поврзана со погубувањето на Џанг Сонг Тек и дека е од забавен карактер.

„Јас немам контрола врз тоа. Таквите нешта се случуваат со години. Ако некој добар познавач на политичките околности, од Америка или од друго место во светот, сака да појде и да се бави со тоа - одлично. Но, јас патувам поради кошаркарски натпревар и да се забавувам“, рече Родман.

Тој кажа дека сепак е подготвен за дискусија за политички прашања, навидум алудирајќи на затворениот корејски Американец Кенет Баи, но само доколку Ким ја отвори таа тема.

„Ако тоа не се случи, јас, едноставно, не можам да започнам да разговарам за тоа, бидејќи не сакам тој да помисли дека се обидувам да бидам амбасадор и да го искористам бидејќи ми е пријател, одненадеж говорејќи за политика. Тоа не може“, рече Родман.

Петкратниот освојувач на шампионската титула во НБА, според најавите, за време на посетата ќе ја тренира севернокорејската репрезентација. Во претходните посети, ексцентричната кошаркарска ѕвезда имаше долги средби со Ким, кого го нарекува „пријател за целиот живот“ и „добар човек“.

Стејт департментот неделава се дистанцираше од активностите на Родман во Северна Кореја, нагласувајќи дека тој во никој случај не ја претставува американската влада.
XS
SM
MD
LG