Линкови за пристапност

Се` повеќе продавници остануваат отворени за Денот на благодарноста


Овој празник 150 години значеше време за семејството и пријателите покрај богата трпеза, но сега се раѓа нова традиција

Нова традиција се формира во САД: празнично купување на Денот на благодарноста, што е денот кога во изминативе близу 150 години немаше трговија зашто беше центриран на семејни собири и големи гозби.

Аналитичарката за трговија Кендис Корлет е претседателка на WSL Strategic Retail со седиште во Њујорк. Таа за Гласот на Америка изјави дека промената на приоритетите е тука да остане.

Четвртиот четврток во ноември е назначен за национален празник во САД уште во 1863. Од тогаш малите и големите градови беа тивки преку ден, со собири на семејства и пријатели заедно да имаат вечера со задолжителна мисирка на трпезата.

Но последниве години, некои трговски компании почнаа да ги отвараат вратите за купувачи на празникот. Сега, пред овогодишниот празник во четврток, уште повеќе продавници остануваат отворени кои традиционално започнуваа со работа на денот после Денот на благодарноста.

Тој ден во САД е познат како Црн петок, еден од најголемите денови за шопинг. Наречен е „црн“ зашто тоа е денот кога најголем дел од трговците стануваат профитабилни, излегувајќи од црвеното салдо.

Една од најголемите трговски организации, Мејсис, која ја организира годишната парада во Њујорк за празникот, ќе ги остави отворени сите свои продавници во државата.

Продавниците на друг синџир, Вол-март исто така ќе ги има сите продавници отворени, како и Џеј Си Пени и Колс.

Корлет вели дека корпорациите се поттикнати од желбата да го подобрат профитот, но најголем мотиватор е американската економија што се` уште е на несигурни нозе.
XS
SM
MD
LG