Линкови за пристапност

Имиграционата дебата ги подели републиканците


Сенатот го усвои сеопфатниот реформски имиграционен закон, но во Претставничкиот дом процесот застана

Поддржувачите на имиграционата реформа се надеваат да извршат притисок врз законодавците со одржување градски средби месецов кога тие ќе се вратат во нивните општини.

Поддржувачите ги засилуваат напорите зашто се чини дека реформата застана во Претставничкиот дом под контрола на републиканците.

Лидерите на републиканскиот Дом велат дека нема да го земат во работа сеопфатниот имиграционен закон на Сенатот, што се фокусираше на безбедноста на границите и патот до државјанство. Лидерите на Домот велат дека ќе се справат со имиграционата реформа преку серија на одвоени закони, започнувајќи со републиканскиот приоритет за безбедноста на границите.

Републиканските лидери во Домот се под притисок од конзервативците, кои се противат на патот до државјанство како амнестија за оние кои влегле во земјата нелегално.

Меѓу највокалните е републиканскиот конгресмен Стив Кинг од Ајова. Тој ја гледа легализацијата на милиони имигранти како потег во интерес на демократите да добијат нови гласачи.

Кинг ги налути законодавците од двете партии кога неодамна, во интервју за Њусмакс ТВ отфрли многу млади имигранти нарекувајќи ги шверцувачи на дрога.

Неговите забелешки брзо беа осудени од неколку републиканци вклучувајќи го и спикерот на Претставничкиот дом, Џон Бејнер:

„Тоа што тој го кажа не е одраз на вредностите на американскиот народ или на Републиканската партија. Сите ние треба да го завршиме својот дел на конструктивен, отворен начин, и со почит.

Помлади недокументирани имигранти донесени во земјата од нивните родители кои сега бараат државјанство имаат поддржувачи во двете партии. Таканаречениот Дрим Акт исцртува пат до државјанство за младите имигранти, но беше блокиран од Сенатот во 2010.

Аналитичарката Керол Доерти на Центарот Пју вели дека имиграционата дебата ги подели републиканците во Конгресот, особено по идејата за патот до државјанство.

„Тие изгледат збунети за тоа во која насока да одат, па дури и во однос на основните принципи на нивната филозофија. Дали тие претставуваат поумерено лице на прашањата како истополови бракови и имиграцијата или не?“

Многу умерени републиканци кои ги очекуваат избори се залагаат за усвојување на некоја форма на имиграциона реформа што се фокусира на младите луѓе, вели републиканскиот стратег Форд О`Конел:

„Тие на ова гледаат како на отворање врата. Тоа е сигнал на Хиспанците, на Азијатите, и на другите малцинства за кои ние се грижиме, зашто ни е јасно дека нема да слушате за нашата политика ако мислите дека ќе ви ја депортираме вашата баба“.

Републиканците од Домот велат дека нема да го следат примерот на Сенатот за усвојување на сеопфатен закон. Нивниот прв приоритет е обезбедување на американската граница со Мексико.

И покрај бавниот напредок во Претставничкиот дом, демократскиот лидер Ненси Пелоси останува оптимистична:

„Јас сум оптимист во врска со ова зашто тоа мора да се случи. Не можеме да дозволиме тоа да се одолговлекува“.

Форд О`Конел вели дека неуспехот да се посегне по малцинските гласачи на идните избори може да има огромни последици за Републиканската партија во обидот да се промени перцепцијата дека таа се грижи само за постари, бели гласачи.

„Перцепцијата дека републиканците се единствено за белите гласачи и дека не им е грижа за другите гласачи. Мразам што морам да им кажам на луѓето дека ако ја уништите имиграционата реформа на долгорочен план може да ја уништите и Републиканската партија“.

Во Претставничкиот дом се очекува да продолжи дебатата кога законодавците ќе се вратат за новата сесија следниот месец.
XS
SM
MD
LG