Линкови за пристапност

Првиот претседател на ПДП Халили прогласи „Република Илирида“

  • Синиша Станковиќ

“Груб и лош обид за сопствена промоција на штета на граѓаните“, реагираше ВМРО-ДПМНЕ

Пред споменикот на Скендер Бег во Скопје, првиот претседател на етнички албанската Партија за демократски просперитет (ПДП) Невзат Халили денес прочита Декларација за формирање на „Република Илирида“.

„Ние очекувавме работите да одат напред и работите да се променат во позитивна насока. За жал, тоа не се случи. Дојде до војната во 2001 година, војна која од почеток до крај беше едно туѓо сценарио на надворешни сили, а не - народна војна. Пред неколку години, двајца пратеници од ДУИ излегоа со јавна изјава дека ја поддржуваат Република Илирида. За кратко време нивните изјави исчезнаа, бидејќи нивните патрони им наредија дека не смеат да го повторат тоа. Во 2012 ние објавивме Декларација за самопределување на Албанците во постојните граници, а внатрешната граница ќе биде поставена со меѓународен договор и бараме македонските претставници и меѓународните фактори да седнат на маса со Албанците веднаш. Тоа не е на штета на никој“, изјави Халили.

Според него, „Република Илирида“ ќе биде фактор на стабилност на Балканот и во ЕУ и нема да ги загрози административните граници на Македонија, туку „ќе спроведе конфедерална реорганизација меѓу двете републики - „Илирида“ и ПЈР Македонија, според примерот на Србија и Црна Гора кога беа заедно во СР Југославија“.

Медиумите јавуваат дека присутните почнале со собирање потписи за распишување на референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат за формирање на „Република Илирида“ и за непризнавање на Рамковниот договор. Халили најави дека до премиерот Никола Груевски и до претседателот на Собранието Трајко Вељаноски ќе биде испратена Декларацијата, како прв чекор кон формирање неунитарна единка за албанскиот етникум во Македонија во која влегуваат „сите градови во кои живеат Албанците, почнувајќи од Струга, па сè до Куманово“.

Идејата за референдум за создавање на „Република Илирида“ се провлекува уште од 1992-ра. И тогаш централна фигура беше Халили, според чии изјави, на „референдумот за политичка и територијална автономија на Албанците“, дури 99 проценти од Албанците во Македонија се изјасниле за самоопределување. Тој референдум не беше прифатен од македонскатите власти, но како негова следна етапа, и во 2008 година во Тетово беше потпишувана декларација за формирање „Собрание на Република Илирида“, со што требаше да се редефинира Македонија како унија на две држави со единствено име „Република Македонија Илирида“.

Халили и денес ги повика пратениците етнички Албанци, но и етничките Македонци, да им се придружат во остварувањето на оваа цел, а претседателот на НВО „Меѓународен форум за човекови права за Македонија“, Идриз Синани, беше дециден: „Илирида не е мртва. И нема да биде се додека сме тука ние, заедно со живата легенда Невзат Халили, кој ни е огромна мотивација за активностите што ќе следат“.

Иако во порталите деновиве се појавија оценки на неименувани извори од албанскиот политички блок, коишто активностите на Халили и на неговите поддржувачи ги оценија како „будалштина“, тој денес потенцираше: „Албанците овде со векови живееле и ќе живеат. Македонците нека си седат каде што се сега. Никој нема да натера друг да си замине. Оваа власт, посебно претставниците Албанци, го лажат народот и странство дека сè е добро. Во светот се случуваат големи движења. Има криза во Украина за отцепување, ќе бараме парламентот ургентно да распише референдум за Илирида“.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ најостро го осуди прогласувањето на „Република Илирида“, што, според неа, е „груб и лош обид за сопствена промоција на штета на граѓаните“,а ваквите обиди за промоција треба да бидат осудени од сите политички субјекти.

Прогласувањето на „Република Илирида“ беше најавено за 15-ти септември, но во медиумите на албански јазик Халили објасни дека промоцијата се пролонгирала по барање на меѓународниот фактор.

Паралелно со изјавите на Халили, Идриз Синани - Куманова во изјавите изрази убеденост дека „Република Илирида“, по прогласувањето, „ќе функционира како и кантоните во Швајцарија – еден парламент на Албанците, еден на Словените и сите што ќе живеат на територијата на Илирида ќе уживаат еднакви права, согласно меѓународното право“.

Повеќе коментари

XS
SM
MD
LG