Линкови за пристапност

Репортери без граници: слободата на печатот на удар ширум светот


Црното - најлошо, белото - најдобро: Преглед на слободата на печатот во светот според најновиот извештај на Репортери без граници

Црното - најлошо, белото - најдобро: Преглед на слободата на печатот во светот според најновиот извештај на Репортери без граници

Македонија во најновиот извештај на 117 место од 180 земји - подобро за шест места од лани, но котира најслабо на Балканот

Според најновиот извештај на Репортери без граници, слободата на печатот лани опаднала ширум светот.

Годишниот „Индекс на слобода на печатот“ покажува влошување на условите во две третини од 180-те земји вклучени во истражувањето. Трендот е поттикнат од вооружените конфликти и инстанци коишто не се поврзани со конкретна земја, како терористичката организација Исламска држава, на пример, смета Репортери без граници.

Прекршувањата на слободата на печатот нараснале за 8% од 2013-та и ова важи за најголемиот дел на земите. На врвот на листата, петта година по ред, е Финска, а најлошо котира Еритреја. Блискиот Исток и Северна Африка се најлошо рангираните региони. САД бележат пад од три места и се наоѓаат на 49-тото. Меѓу причините се наведени „судското малтретирање на новинарот-истражувач Џејмс Рајсен во врска со судењето на Џефри Стерлинг, поранешен службеник на ЦИА обвинет според Актот за шпионажа дека му дал доверлива информација“ и, како што се оценува, произволното апсење на најмалку 15 новинари за време на немирите во Фергусон, Мисури.

Македонија во најновиот извештај на Репортери без граници е на 117-то место од 180 земји во светот. За разлика од лани, бележи скок од 6 места, но се` уште, според индексниот резултат од 36,26, се наоѓа во групата земји каде ситуацијата е тешка - една погоре од најлошата група на земји во мошне сериозна ситуација. Истовремено, Македонија котира најслабо во непосредното опкружување.

Според извештајот, ситуацијата во Македонија лани продолжила да биде лоша, „обележана со злоупотреба на легислативата за клевета и политички мотивираното доделување на средства за државно рекламирање“. Репортери без граници како причини ги наведува и случајот на новинарот Томислав Кежаровски и тоа што полицијата во јуни присилила неколку репортери да ги избришат фотографиите и видео-снимките додека следеле протест.

XS
SM
MD
LG