Линкови за пристапност

49 години од земјотресот во Скопје


78 држави се мобилизираа да му помогнат на градот.

Пред 49 години на овој ден, 26-ти јули 1963-тата година, утрото во пет часот и 17 минути Скопје го погоди катастрофален земјотерес со интензитет од девет степени според Меркалиевата скала. Во урнатините животот го загубија 1.100 лица, 3.000 беа повредени, а 200.000 останаа без покрив над главата.

Скопје е разурнато и делува страотно, се вели во еден од првите новински извештаи објавени во странските медиуми. Дента веднаш по несреќата се мобилизираа сите републики и покраини од тогашната СФРЈ.

„Заедно со сите народи на Југославија ќе настојуваме да ги ублажиме последиците од несреќата која му се случи на Скопје“, изјави тогашниот претседател на СФРЈ Јосип Броз Тито.

Солидарноста која со Скопје и Македонија ја споделија југословенските народи брзо премина во глобална.
35 земји - членки на ООН покренаа иницијатива за помош на Скопје. На неа се одзваа 78 држави. До ден-денес, некои од објектите изградени во тоа време го носат насловот на државите од каде стигна помошта: Романската болница, руските згради, јапонските бараки...

Жителите на Скопје помнат уште многу други акции на светската солидарност. Во 1965-та, ООН распишуваат конкурс за креирање на урбанистички план за изградба на градот. 60% од планот се доверени на идеите на светски познатиот архитект Кензо Танге, а другите 40% на архитектите од СФРЈ. Денешната железничка станица, на пример, е еден од објектите на Танге и неговата, тогаш футуристичка визија за градот.

Се мобилизира и интелектуалната јавност во Европа, повикувајќи на солидарност.

„Скопје не смее да остане само извештај од весниците за неговото страдање, туку треба да се претвори во одговорност за сите нас, луѓето на денешницата и иднината кои би можеле да бидат жртви на слични катастрофи, сите треба да бидеме скопјани“, изјави познатиот новелист Алеберто Моравија.

Слична изјава дава и филозофот и романсиер Жан Пол Сартр.

„Скопје не е трилер-филм во кој погодуваме кој е главниот настан. Скопје е концентрација на човечката борба за слобода со резултат кој инспирира идни борби и неприфаќање на порази“, рекол Сартр, инспириран од светската солидарност за градот крај Вардар.

Во знак на подршка на Скопје, Пабло Пикасо донира едно негово дело наменето за тогаш планираниот нов Музеј на современата уметност.

Во масовната акција на солидарност, Скопје со текот на годините по земјотресот довива сосема нов лик – градежни остварувања кои се` уште се предмет на интересот на архитектите од цел свет.

Сеќавањето на солидарноста неодамна стана тема на една јавна дебата, кога Советот на градот Скопје иницираше промена на името на улицата „Мексичка“ во населбата Тафталиџе, која го доби името во знак на благодарност кон Мексико поради ангажирањето во изградба на нови живеалишта во таа населба.

Интелектуалната јавност инсистираше улицата да го сочува името токму во знак на благодарност и сеќавањето на солидарноста на Мексико со Скопје. Критиките на интелектуалците, сепак, не успеаа да ја променат одлуката на Советот на град Скопје улица Мексичка да биде преименувана во улица „Петре Пирузе“.

По промената на урбаниот лик во доцните 60-ти и раните 70-ти, Скопје и денес претрпува нови промени со реализацијата на контоверзниот проект „Скопје 2014“. За некои, проектот на Скопје му носи вистински обележја на една метроплола, а за други тој е кич кој го менува идентитетот на градот што, според истите, би требало да биде втемелен токму во светската солидарност демонстрирана во Скопје по катастрофалниот земјотрес 1963-тата.

Во знак на сеќавање на жртвите на земјотресот, градоначалникот Коце Трајановски денес на Градските гробишта во Бутел положи цвеќе во спомен на загинатите.
Цвеќе положија и делегации на Собранието, Владата, повеќе министерства, потоа претставници на неколку скопски општини, политичкитете партии, Црвениот крст на град Скопје, како и делегации на повеќе амбасади во Македонија.
XS
SM
MD
LG