Линкови за пристапност

Бегалците и Македонија низ фотографии и приказни

  • Синиша Станковиќ

Денес се одбележува Меѓународниот ден на бегалците, и по една година, бегалците бараат отворање на границите

Бегалците доаѓааат гладни и исцрпени, и едно „селам алејкум“ им помага, изјави во септември минатата година, германската хуманистка Александра, на македонско-грчката граница. Таа со месеци им помагаше на македонските активисти во справување со бегалската криза.

Сцените од македонските пруги, на кои загинаа десетици бегалци и мигранти, бегајќи од војна или во потрага за спас од немаштијата, главно преку Турција и Грција, дојдоа и до Македонија. Пеш или со велиспеди, по секоја цена се обидуваа да ја поминат границата, се до крајната цел Германија. На гевгелиската железничка станица, пак, трогателни фотографии и видеа од нивните очајничките обиди да се качат во воз, и прескапи услуги за такси или за шверцерите.

Се организираше и животот во камповите во Гевгелија и во Табановце. Владата донесе измени на Законот за азил и привремена заштита, со што беше овозможено мигрант, кој ќе се најде на територијата на Македонија, да добие потврда дека може да остане најмногу 72 часа во земјата. Но, подоцна, Македонија во договор со меѓународната заедница, почна да ги пропушта само бегалците од воените подрачја, кои со специјални возови „Горбачов“ и „Сирија Експрес“, заминуваа организирано на север. Така бегалците станаа и секојдневна медиумска содржина. Македонија се огради со километри жица, а беше ангажирана и војската. И додека првите стотина илјади регистрирани бегалци поминуваа низ Македонија, „Легис“ минатиот септември, организираше и прослава на Курбан Бајрам со пакетчиња за децата на бегалците.

Сепак, во меѓувреме, не изостанаа судирите со македонската полиција, која ги спречуваше лицата, дефинирани како економски мигранти од Алжир, Мароко, Конго, Сомалија, Шри Ланка, Либан, поради што тие протестираа со зашиени усти.

Во меѓувреме следуваа извештајот на „Хјуман рајтс воч“, со наслов „Како да не сме луѓе“, бројни стории за саморганизираноста на граѓаните, штрајкот со глад на аналитичарот и хуманитарец Суад Мисини, кој точно пред една година протестираше пред Парламентот, поради односот кон бегалците, како и хуманоста на активистката Ленче Здравкин, која беше прогласена за жена на годината.

При една посета на камповите, слушајќи ја музичката изведба на еден човек, го прашав дали се работи за арапска песна за некоја сакана. Тој ми одговори дека е песна за местото од кое доаѓаат, за планината Џабал-ал-Араб или планината на Арапите, дека пејачите се Друзи, што е особено тешка судбина, и оти не е во прашање жал за родниот крај, туку едноставно поради тоа што за најголемиот дел од нив, нема враќање назад.

Иако ситуацијата денес е драстично поинаква од минатата година, особено во двата кампа, по делумната консолидација на состојбите во Грција, сепак бегалците се` уште се дел од македонското секојдневие.

И покрај сите контроли, иако во намален број, тие се уште транзитираат низ Македонија, а според зборовите на хуманистката Здравкин, на многумина од нив, и денес им е неопходна помош во нивната одисеја кон Европа.

По повод Меѓународниот ден на бегалците, Институтот Отворено општество - Македонија, невладината организација која последната година, активностите им ги посветува на помошта на бегалците „Легис“, Младинскиот образовен форум и Хелсишнскиот комитет, денес организираат јавна дискусија за павото на азил во Македонија, а ќе бидат опфатени и изложби и аукции на фотографии на активисти од бегалските кампови, на фотографии за бегалци, како и цртежи од камповите и слики на бегалец, кој е сириски уметник.

Паралелно, Асоцијацијата на млади правници на Македонија и УНХЦР, ќе ги доделат наградите на конкурсот за надобри новинарски печатени и видео прилози, на тема бегалци во 2015-та.

XS
SM
MD
LG