Линкови за пристапност

Црвеното вино и долговечноста


Научно потврдено дека негова состојка ги спречува штетните ефекти од стареењето - дали е можен лек?

Ресвератрол е молекул во црвеното вино, за кој во лабораториските експерименти со габи, муви и црви е докажано дека го продолжува животниот век со тоа што ги ограничува заболувањата како ракот и срцевите болести.

Научниците наведуваат дека ресвератролот ги покажува своите корисни ефекти преку јакнење на активноста на митохондриите – енергетските фабрики на клетките.

Сега научниците за прв пат, преку експериментирање со глувци, дојдоа до начин што може да доведе до создавање на лек против стареењето.

Давид Синклер, професорот по генетика на Универзитетот Харвард во Масачусетс, раководеше со најновото истражување што ги покажа здравствените бенефиции на ресвератролот кај глувците.

„Целта на истражувањето во нашата лабораторија, а сега и во неколку компании, е да развие лекарства што ќе ја користат природната одбрана на нашето тело против болестите, со надеж дека еден ден би дошле до лек што ќе може да забави повеќе болести, исто како и стареењето“, вели Синклер.

Ресвератролот ја зголемува енергетската моќ на митохондриите преку активирање на серија гени - сиртуини, а особено оној наречен СИРТ 1. Синклер вели дека истражувањето ја потврдило улогата на СИРТ 1 во здравото стареење и е најветувачката цел на лекарствата со ресвератрол што би го продолжиле животниот век.

„На пример, имате дијабетес, или пак Алцхајмерова болест во почетна фаза. Доаѓате кај матичниот лекар и тој ви препишува лекарства и ви вели дека покрај основното дејство, тие ќе ве заштитат и од рак и срцеви заболувања, а можеби и ќе придонесат да имате повеќе енергија. Се надеваме дека ќе создадеме таков лек. Нашето истражување покажува дека сме на добар пат“, тврди Синклер.

Професорот информира и дека во тек се клинички опити со луѓе и предвидува дека првиот лек би можел да се најде на пазарот за пет години.

Написот за истражувањето на Синклер и колегите од Харвард за ефектите на ресвератролот е објавен во журналот Клеточен метаболизам (Cell Metabolism).

XS
SM
MD
LG