Линкови за пристапност

Албанското знаме на 35-метарскиот јарбол во Кичевско повод за нова напнатост

  • Борјан Јовановски

„Врз основа на законите ќе преземеме се` што е потребно да се заштитат државните интерeси”, изјави премиерот Никола Груевски.

Во Македонија, во регионите каде претежно живеат етничките Албанци, масовно се истакнува албанското знаме. Се` е во знакот на одбележувањето на јубилејот - стогодишнината на независноста на Република Албанија и албанското знаме на 28-ми овој месец, велат жители на Тетово. Невладината организација „Разбуди се“ најави дека масовно ќе се истакнува албанското знаме и во Скопје на денот на стогодишнината.

Истакнувањето на албанските знамиња во знак на националниот празник на Албанците започна изминатиот викенд кога во кичевското село Грешница водачот на владејачката ДУИ Али Ахмети го подигна албанското знаме на 35-метарски јарбол. На церемонијата присуствуваше и амбасадорот на Република Албанија во Македонија, Арбен Чејку, кој нагласи дека подигањето е израз на почит за сите паднати за знамето во изминатите 100 години.

Настанот доби политички димензии што повторно ги подгреаја меѓуетничките односи со изјавата на Ахмети кој рече “било чија црна рака која ќе посегне против ова знаме да не се осмелува да го стори тоа, бидејќи тоа нема да го дозволат Албанците кои живеат во тој регион”. Изјавата стана предмет на жива политичка расправа.

За опозициските социјалдемократи, овој чин е знак на провокација. СДСМ ги повика партнерите во власта да прекинат да играат на националистичката карта.

„Во СДСМ немаме проблем околу славењето на симболот на нашите сограѓани Албанци и не е темата албанското знаме во Кичевско, туку серијата на провокации кои вие не ги решавате“, и` порача на владината коалиција потпретседателот на СДСМ Гордан Ѓорѓиев за време на сесијата за пратенички прашања во Собранието.

Потсетувајќи на немилите настани во 90-тите во Гостивар и Тетово за време на владеењето на СДСМ, премиерот Никола Груевски одговори: „Република Македонија има искуство со ваков вид на предизвици и провокации и секако раговараме со колациониот партнер и не е точно дека немаме разговори. Имаме редовни разговори и бараме начин тие да се надминат, како и за сите други прашања. Врз основа на законите ќе преземеме се` што е потребно да се заштитат државните интереси”.

Од ДУИ тврдат дека истакнувањето на албанското знаме не е провокација. Провокација е, вели Бујар Османи, да се квалификува истакнувањето на албанското знаме како провокација.

„Тоа знаме е симбол на Албанците во Македонија и тоа треба да се почитува. Ние не провоцираме, туку интегрираме преку вакви чекори кои ние ги сметаме за визионерски”, изјави Османи.

Во медиумите на македонски јазик, истакнувањето на знамето на 35-метарскиот јарбол и изјавата на Ахмети се оценуваат како закана за нова напнатост во меѓуетничките односи.

Аналитичарот Мерсел Биљали не гледа опасност од напнатост, но смета дека е проблем што двете партии на власт, како што вели, постојано лансираат политики засновани на емоции и тоа ја троши енергијата, одвлекувајќи го внимението од круцијалните прашања и проблеми.

Поранешниот пратеник Насер Зибери, пак, потенцира дека во вакви случаи би требало да се користи најдобриот механизам предвиден со Рамковиот договор, каков што е Комитетот за односи меѓу заедниците во Собранието.

„Тој механизам е уставно конституиран, но во пракса речиси и да не функционира”, коментира Зибери.

Според правниот експерт – професорката Гордана Сиљановска, во случајот прекршен е Законот за државните симболи. Таа наведува дека според законот, знаме на една етничка заедница може да се истакнува само доколку е придружено со државното знаме.

Од ДУИ, пак, возвраќаат дека знамето во Кичевско е уредно поставено со дозвола на Советот на Општината Зајас. Според Османи, Законот за употреба на знамињата не е прекршен бидејќи, како што вели, знамињата на етничките заедници мора да се истакнуваат заедно со државното знаме ако се поставени пред државните институции.
XS
SM
MD
LG